Дали се проклетство или богатство различностите, разликите се тоа што ние ќе ги направиме. За жал во последните години, различностите ги категоризираат како проклетство. Наместо да се гледа што можеме да научиме и да направиме, ние на лош начин ги уништуваме, истакна Кристина Арнаудова на панел дискусија на ЦИВИЛ за општествената одговорност на интелектуалците и уметниците во промовирањето на различностите и европските вредности.
За мене различностите се богатство, јас сум растена во мулти етничко семејство, дедо ми е Турчин, баба ми е влаинка. Кај нас дома не се разговараше кој од каде доаѓа и на кој јазик треба да се зборува. Дедо ми со љубов зборуваше за Турција, баба ми за власите, никој со никој не се караше. За жал јас не научив турски. Баклава за бајрам и јајца за велигден, тоа е еден преубав спомен од мојата фамилија. Јас сум благословена што живеев во такво семејство. Крвта секогаш е поквалитетна кога се меша. Дедо ми со ова сакаше да каже дека колку повеќе се мешаме, толку е подобро за сите нас.
Се чувствувам толку богато што можам да раскажам една ваква приказна.
Злото раѓа зло, доброто раѓа добро. Тоа треба да им се каже на родителите бидејќи само со почитување може да се израснат добри луѓе полни со почит.