пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Човекот што прегази преку достоинството на уметничкиот позив и со години беше ревносен и послушен војник на пропагандата на криминалниот режим на Фамилијата… Човекот што по секоја цена, со аргументи надвор од било која логика, ги бранеше налудничавите, националистички и криминални, проекти на диктаторчето Груевски и неговата Фамилија… Човекот што наоѓаше високи естетски вредности во лудиот проект Скопје 2014… Човекот што „верува“ дека сме биле запрашени со алуминиум и дека на далечниот исток има 75 милиони Македонци… Александар Станкоски, некогаш и Ацо Рембрант, а сега Ацо Алуминиум, Ацо 2014-ка…
Ја прочитав веста за тоа дека Ацо има изложба во Прилеп. И се запрашав, дали му текна да се извини. Бидејќи, оние против кои вредно работеше и велеше дека прскаат алуминиум, оние што му беа мета за линч и уништување, сега му помагаат да остане уметник, да користи јавен изложбен простор за кој веќе нема рестрикции и поделби на подобни и неподобни… Им кажа ли барем „извини, бев на алуминиум“ или така нешто?
Ги сакав некогаш сликите на Ацо, го почитував и како човек, интелектуалец што се обидуваше да го разбере и толкува светот на негов, посебен начин. Сме работеле заедно на проекти, мојата прва поетска книга е полна со негови илустрации, еден број од мојот весник „Зрак“ во 90-те е со насловна страница од негова слика, правев мега интервју со него…
Со голема тага го гледав падот на Ацо Алуминиум. Се разочарав од грдата трансформација, кога гледав еден „отиден“ средовечен човек, самодеградиран, како тресе ноторни глупости на ТВ. Прво ми беше срам за него. И жал. А потоа, кога видов дека е сосема вплеткан во една машинерија, заедно со едно чудо самонаречени интелектуалци и уметници, во мене остана само презир. Едноставно, ми се превртува во утробата од гадење од сѐ во што се претвори тој и многумина како него.
Ете, нешто што треба да биде радост за секој што ја сака уметноста, стана потсетник за нешто достојно за презир. Да. Презирам сѐ што е поврзано со режимот на Груевски, со злото што го донесе во оваа земја, со злото што сѐ уште го сее и тој и сета негова прислужничка свита, било да се прикриени или на ачик.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.