Авганистанки одржаа протест во четвртокот велејќи дека се подготвени да ја прифатат бурката доколку нивните ќерки уште можат да одат на училиште под талибанска власт.
„Наше право е да имаме образование, работа и безбедност“, извикуваа групата од околу 50 женски демонстранти, мавтајќи со плакати на улиците на западниот авганистански град Херат.
Жени активисти маршираа вчера и во Кабул, барајќи почитување на нивните права и еднаквост на правата со мажите, објави локалниот весник „Хашт е Суб Дејли“.
Демонстрантките, како што наведува весникот, носеле плакати со слогани „Правата на жените и мажите се еднакви“, „Образование, работа, слобода – пат кон просперитет“ и други.
Активистките го повикале раководството на радикалното талибанско движење, кое ја презеде власта во Авганистан, во новиот устав да се одобри право на жените да учествуваат во политичкиот живот на земјата.
Собирот се одржа непосредно по изјавата на портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, дека жените нема да заземат министерски функции во новата авганистанска влада. Според нив, тие ќе можат да работат во министерствата, полицијата или судството како асистенти.