Политичко лидерство – тоа денеска можевме да го видиме на дело од премиерите Заев и Рама и од претседателот Вучиќ, оцени претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески пред почетокот на економскиот панел што се одржува од Регионалниот форум „Поврзан Балкан“ во Скопје.
-Она што се подразбира по западните критериуми дека се бара политичко лидерство од претседателите, тоа денеска можевме да го видиме на дело и од Заев и од Рама и од Вучиќ зашто, една иницијатива за која уште нема комплетна поддршка, политичките раководства да ја објаснат, смело да тргнат напред и да го поведат народот кон таа цел, е само политичко лидерство кое го подразбира Запад и кон кое треба да одиме, истакна Азески.
Претходно, преку видео обраќање снимено за оваа прилика, тој испрати две пораки.
-Првата од нив е, денеска конечно да се договориме да исчезнат долгите редици камиони од нашите граници, а втората – она што досега не карактеризираше: затвореноста, сивата економија и евтината работна сила да останат за нас. За тоа е потребно да направиме договор за две работи: да го отвориме Балканот и да се обединиме како бизнис, истакна Азески.