Американскиот претседател Џо Бајден за денеска свика состанок на Советот за национална безбедност на Белата куќа поради ситуацијата во Украина, стои во соопштение за печат објавено од портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
– Утре претседателот ќе свика состанок на Советот за национална безбедност за ситуацијата во Украина, информира Псаки.
Претседателот Бајден продолжува да ја следи ситуацијата што се одвива околу Украина и редовно се информира за случувањата на терен од неговиот тим за национална безбедност. Тие потврдија дека Русија може да изврши напад против Украина во секое време, се додава во соопштението.
Џонсон: Според разузнувачките информации Русија ја планира „најголемата војна во Европа од 1945 година
Доказите сугерираат дека Русија ја планира „најголемата војна во Европа од 1945 година“, изјави премиерот Борис Џонсон во интервју за Би-Би-Си.: „Сите знаци се дека планот во извесна смисла веќе е започнат“.
Разузнавањето сугерира дека Русија има намера да изврши инвазија на Украина, при што ќе го опколи главниот град на Украина Киев, рече Џонсон.
„Луѓето треба да ја разберат огромната цена на човечкиот живот што може да предизвика“, рече британскиот премиерот на Конференцијата во Минхен, каде што светските лидери се состануваат на годишна безбедносна конференција.
Најновите проценки на американската влада сугерираат дека меѓу 169.000 и 190.000 руски војници сега се стационирани долж границата со Украина, и во Русија и во соседна Белорусија, во оваа бројка се вклучени и бунтовниците во источна Украина.
Столтенберг: Сè укажува дека Русија планира целосен напад на Украина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа во Минхен изјави дека сè укажува дека „Русија планира целосен напад“ на Украина, пренесе Бета.
– Сите се согласуваме дека ризикот од напад е многу голем“, изјави Столтенберг за германската телевизија АРД во Минхен, каде што учествува на Минхенската безбедносна конференција.
Неименуван претставник на Алијансата претходно изјавил дека НАТО го префрлил својот персонал во Украина од Киев во Лавов, во западниот дел на земјата, и во Брисел, за да ја осигура нивната безбедност.
– Безбедноста на нашиот персонал е најважна, така што персоналот е преместен во Лавов и Брисел. Канцелариите на НАТО во Украина остануваат оперативни, рекол претставник на НАТО, без да го прецизира бројот на персоналот.
Неколку западни земји веќе ги префрлија своите дипломати од Киев во Лавов, град во близина на границата со Полска, во очекување на можна руска воена акција.
Украинскиот министер за внатрешни работи спасувал жива глава при посетата на војниците на истокот на Украина
Украинскиот министер за внатрешни работи спасувал жива глава во саботата, откако ги посетил војниците на позицијата на разделната линија на истокот на Украина.
Само неколку минути претходно, Денис Монастирски им рекол на новинарите:
Тоа сценарио беше ненадеен минофрлачки оган откако тој ја посети војската на првата линија на бојното поле во близина на селото Новолуганск, во источна Украина.
Додека министерот, облечен во маскирна униформа и со во воен шлем на главата, се оддалечувал од улица полна со напуштени возила, гранати почнале да фрчат низ воздухот и да експлодираат во блиските полиња.
Монастирски и неговата придружба брзо побарале засолниште пред да потрчаат кон своите автомобили. Во нападот нема повредени.
Пораката до него и до новинарите што го придружуваа беше јасна – сепаратистичките сили поддржани од Москва ги засилуваат нападите на фронтот. Многумина мислат дека тоа е увертира за руската инвазија на Украина. Двајца украински војници беа убиени во слични напади во саботата.
Набљудувачите на ОБСЕ забележаа речиси 2.000 прекршувања на примирјето во источна Украина во саботата, изјави дипломатски извор. Украинската влада и проруските сепаратисти се борат таму од 2014 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во телефонски разговор со неговиот француски колега Емануел Макрон изјави дека Украина нема да одговори на руските провокации на истокот и е подготвена за дијалог со Русија, пренесе Бета.
– Зеленски изрази волја Украина да не одговори на провокациите долж линијата на фронтот во источниот дел на земјата, соопшти Елисејската палата, која повика на „последни напори“ за да се избегне „голем конфликт“ во Украина.
За денеска е закажан телефонски разговор меѓу Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски претходно предложи средба со неговиот руски колега во време на растечки страв од руска инвазија на Украина.
– Не знам што сака рускиот претседател, затоа предлагам да се сретнеме, изјави вчера Зеленски на безбедносната конференција во Минхен.
Тој додаде дека Украина е „штит на Европа“ против руската армија и го повика Западот да ја зголеми помошта.
– Ја цениме секоја помош, но сите мора да сфатат дека тоа не се добротворни придонеси што Украина треба да ги бара … Тоа е ваш придонес за безбедноста на Европа и светот. Таму каде што Украина е штит осум години, рече Зеленски.
Австриската авиокомпанија АУА и германска Луфтханза ги прекинуваат летовите за Киев и Одеса
Австриската авиокомпанија АУА соопшти дека од утре ќе ги прекине летовите кон Киев и Одеса, а одлуката ќе важи до крајот на февруари.
Летовите до Лавов ќе продолжат и во моментов АУА лета на таа линија три пати неделно.
Портпаролката на компанијата објасни дека безбедноста на патниците и вработените има врвен приоритет во секое време. АУА продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и е во близок контакт со националните и меѓународните власти.
Според ДПА, матичната компанија на АУА, Луфтханза, исто така, ќе ги прекине летовите до и од Киев и украинскиот црноморски град Одеса од следниот понеделник. „Поради моменталната ситуација во Украина, авиокомпаниите во групацијата Луфтханза првично ќе ги прекинат своите редовни летови до Киев (КБП) и Одеса (ОДС) до крајот на февруари“, соопшти компанијата во саботата.
Кулеба: Време е Западот да примени дел од санкциите против Русија
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека е време Западот да примени барем дел од санкциите што ги подготви против Русија.
– Русија треба веднаш да се запре. Гледаме како се одвиваат случувањата. Време е да се дејствува. Официјално велам дека постојат сите основи за да се применат барем дел од санкциите што се подготвени против Русија, изјави Кулеба во обраќањето на Безбедносната конференција во Минхен.
Претходно денеска белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин изјави дека Минск и Москва одлучиле да продолжат со заедничките воени вежби поради воените активности во близина на надворешните граници на Русија и Белорусија и влошувањето на ситуацијата во Донбас.
Макрон и Путин разговарале речиси два часа
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговараше, речиси два часа, со рускиот колега Владимир Путин околу кризата во Украина.
– Телефонскиот разговор со рускиот претседател траеше еден час и 45 минути, соопшти Елисејската палата.
Според француското претседателство, денешниот разговор меѓу Путин и Макрон, по нивната средба на 7 февруари во Москва, претставува „последни можни и неопходни напори за да се избегне голем конфликт во Украина“, пренесоа француските медиуми.
Макрон денеска повторно ќе разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Шефот на украинската држава вчера му рече на Макрон дека нема да одговори на, како што рече, руските „провокации“ и остана отворен за „дијалог“ со Москва. Но, во говорот на Минхенската безбедносна конференција, тој исто така ги повика западните влади да ја прекинат својата „политика на смирување“ кон Путин.
Полска свикува вонредна седница на Постојаниот совет на ОБСЕ поради Украина
Полска, која моментно претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), денеска најави дека ќе свика вонредна седница на Постојаниот совет на таа организација поради ситуацијата во Украина.
Украина побарала седницата да се одржи утре, се наведува во писмото што на Твитер го објави постојаниот претставник на Полска во ОБСЕ, Адам Халачинские.
Западните земји ја обвинуваат Русија дека се подготвува да ја нападне Украина, додека Москва ги негира таквите тврдења.
Трас: Путин нема да запре, Балтикот и Западен Балкан се во опасност
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас смета дека Западот мора да го запре рускиот претседател Владимир Путин бидејќи, според неа, тој нема да запре на Украина.
– Балтичките земји се во опасност… и Западен Балкан. Путин сето тоа го кажа јавно, дека сака да создаде Голема Русија, дека сака да се врати на ситуацијата која била порано, кога Русија имаше контрола врз огромни делови од Источна Европа, истакна Трас во интервју за Дејли мејл.
Таа верува дека Путин се обидува да ги обнови границите на Советскиот Сојуз и смета дека е важно западните сојузници да му се спротивстават.
– Украина може да биде наредната недела, но која земја ќе биде следна?, праша Трас.
Шефицата на британската дипломатија додаде дека ако му се дозволи на Путин да ја нападне Украина, тој ќе продолжи да војува со соседните земји.
Украинскиот претседател Зеленски повика на итен прекин на огнот
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски повика денеска на итен прекин на огнот во источниот дел на земјата, каде во изминатите денови се интензивираа судирите меѓу проруските и украинските сили.
Тој, исто така, нагласи дека Украина ги поддржува мировните преговори во рамки на Трилатералната контакт група (ТЦГ), каде Украина учествува заедно со Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
– Ние сме посветени на интензивирање на мировниот процес. Го поддржуваме свикувањето на ТЦГ“, напиша Зеленски на Твитер.
САД до последен момент ќе се воздржат од санкции против Русија
САД немаат намера да воведат санкции против Русија „до последен момент“ за да не го изгубат ефектот на одвраќање. Ова денеска го изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, коментирајќи го повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се воведат веднаш санкции против Москва.
– Целта на санкциите е првенствено да ја одвратат Русија од започнување војна. Веднаш штом ќе ги наметнете, овој ефект ќе исчезне. Ние имаме намера да го задржиме овој одвраќачки ефект до последен момент, истакна Блинкен за Си-Ен-Ен.
Елисејска палата: Макрон и Путин за дипломатско решение
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин денеска се договорија да дозволат во наредните часови да се одржи состанок на работната група со цел да се постигне примирје во Украина, соопшти Елисејската палата.
Путин и Макрон во телефонскиот разговор силно се обврзаа да ги преземат сите корисни активности за, како што наведува официјален Париз, „да се избегне ескалација, да се намалат ризиците и да се зачува мирот“.
Елисејската палата соопшти дека двајцата претседатели во денешниот телефонски разговор, кој траеше еден час и 45 минути, се договориле и за рестартирање на активностите „во нормандиски формат“ врз основа на размената на мислења и украинските предлози во изминатите денови.
Макрон и Путин ја истакнале и потребата да се даде приоритет на дипломатско решение за актуелната криза и настојување да се направи се што е можно за да се дојде до такво решение.
– За да се постигне тоа, во наредните денови и недели ќе биде во тек интензивна дипломатска работа, наведуваат од Елисејската палата, прецизирајќи дека во следните денови ќе разговараат францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Овие дипломатски напори треба да овозможат „напредок врз основа на неодамнешните“ разговори, во кои ќе бидат вклучени сите страни (Европејци, сојузници, Руси и Украинци) со цел да се одржи, доколку се исполнат условите, состанок на највисоко ниво за да се дефинира нов мировен и безбедносен поредок во Европа“
Захарова: Лавров и Ле Дриан утре ќе имаат телефонски разговор
Министрите за надворешни работи на Русија и на Франција, Сергеј Лавров и Жан-Ив Ле Дриан утре ќе разговараат телефонски, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Согласно договорите, Сергеј Лавров денеска беше подготвен да разговара со својот француски колега. Ле Дриан не можеше. Значи, телефонскиот контакт е закажан за утре, истакна Захарова.
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин денеска се договорија да дозволат во наредните часови да се одржи состанок на работната група со цел да се постигне примирје во Украина, соопшти Елисејската палата.
Путин и Макрон во телефонскиот разговор силно се обврзаа да ги преземат сите корисни активности за, како што наведува официјален Париз, „да се избегне ескалација, да се намалат ризиците и да се зачува мирот“.
Рускиот претседател Владимир Путин го уверувал францускиот колега Макрон дека има намера да ги повлече руските трупи од Белорусија штом ќе завршат тековните воени вежби, соопшти денеска кабинетот на Макрон.
По телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, француското претседателство соопшти дека изјавата „ќе мора да биде проверена“ бидејќи е спротивна со изјавата на белоруската Влада во која се наведува дека руската војска „ќе ги продолжи вежбите“ по нивниот крај објавен претходно во неделата. Со продолжувањето на маневрите, Москва ќе располага со големи сили во близина на границата со Украина.
Макрон и Путин во денешниот телефонски разговор не се согласија околу тоа кој е одговорен за тензиите во источна Украина, изјави советник на францускиот претседател.
Според него, Макрон ги обвини проруските сили, а Путин смета дека е одговорна Украина.
Претседателот на Финска: Во светот е „постудено“ отколку за време на Студената војна
Финскиот претседател Саули Нинисте оцени денеска дека ситуацијата во светот е „речиси постудена“ отколку за време на Студената војна, откако тензиите меѓу Вашингтон и Москва достигнаа точка на вриење поради ситуацијата околу Украина.
– Тогаш имавме барем некои договори меѓу САД и Советскиот Сојуз, ограничување на оружјето, изјави Нинисте за Си-Ен-Ен, додавајќи дека сега нема никакви договори, што ја прави ситуацијата многу почувствителна.
На прашањето дали мисли дека Русија ќе ја нападне Украина, за што тврди Западот, Нинисте рече дека кога е во прашање кризата околу Украина, постојат три опции.
Тој прво наведе дека проблемите во источна Украина треба да се решаваат врз основа на договорот од Минск, но додаде дека оваа опција е далеку.
Како втора опција Нинисте гледа војна од големи размери, а како трета – ситуација кога се оди два чекори напред, еден назад. Според него, оваа опција е исто толку лоша како и втората, бидејќи ги зголемува тензиите, но е најблиска.
Д.М.