Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД никогаш нема да ги признаат руските претензии врз суверена територија на Украина и дека ќе воведат нови санкции против Москва откако таа ќе припои нови области на Украина, наведува US News.
Говорејќи пред лидерите на островите во Тихиот Океан, Бајден ги осуди псевдореферендумите што проруските сили ги спроведоа во областите на Украина како „апсолутна измама“, велејќи дека резултатите се „произведени во Москва“.
„САД, сакам да бидам многу јасен за ова, САД никогаш, никогаш, никогаш нема да ги признаат руските претензии за суверена територија на Украина“, рече Бајден.
Тој, исто така, истакна дека „рускиот напад врз Украина во извршување на империјалните амбиции е флагрантно, флагрантно кршење на Повелбата на ОН и основните принципи на суверенитет и територијален интегритет“.
Сенатот на САД на 29 септември усвои финансиски нацрт-закон со кој се предвидува 12 милијарди долари помош за Украина.