ВЕСТ НА ДЕНОТ
Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид ги собра балканските политичари на едно место
Денеска во Охрид се одржа Самитот „Отворен Балкан“, со официјални обраќања на премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.
По официјалните обраќања се одржаа панел сесии за туризам и култура. На „Отворен Балкан, отвора туризам“, свое обраќање имаше вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, како и со министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурхи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Татјана Матиќ кои дискутираа за придобивките од иницијативата и мерките, кои ќе се преземат за развој на туризмот на регионално ниво.
На панел сесијата на тема „Отворен Балкан, отвора култура”, воведно обраќања имаа вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, со Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија кои дискутираа за важноста на културата во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
САД не го гледаат Западен Балкан од гледна точка на проблемите што се случуваа во 90-те години, го гледаме преку призмата на можностите на 21 век. А можностите на Западен Балкан се огромни. Западен Балкан е благословен со одлична географска позиција, со прекрасни ресурси, но и со голем претприемачки дух и со децении луѓето од Западен Балкан ја градеа мојата земја, ја градеа Европа и поради благодарност го поддржуваме Западен Балкан, затоа што сакаме да им помогнеме на вашите луѓе да го изградат регионот, порача денеска во видео обраќањето во Охрид на Самитот Отворен Балкан, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Судечкиот совет во предметот „Талир 2” го прогласи за виновен поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и го осуди на казна затвор од шест години за кривичното дело злоупотреба на службена должност. За виновен е прогласен и Кирил Божиновски, кого судот го осуди на две години условна казна. Воедно, судот го прифати и предлогот на обвинителство и го конфискуваше седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови низ државата.
МНР По однос на објавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека единствениот референтен документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology). Објавените информации, се оценува во соопштението од МНР преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.
ПОМОШ Одборот на извршни директори на Светската банка одобри 1,49 милијарди долари дополнителна финансиска помош за Украина. Тоа, како помош за исплата на плати на државни службеници и социјални работници.
УКИМ Претставниците на Сојузот на синдикати на најстариот универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“, бараат средба со владини претставници, за да се обезбеди како што велат, достоинствена плата за вработените на универзитетот.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Александар Божиновски – новинар истражувач зборува за вредностите на истражувачкото новинарство и за бенефитите од истражувачките стории за општеството, но и за непопуларноста на овој журналистички жарн кај владејачките структури.
Златко Димовски, професор на Факултетот за безбедност, Скопје, на Втората конференција на Асоцијацијата „Центар за антитероризам и мир-Гардиан“ од Куманово: Ковид-кризата го стави тероризмот во втор план
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Анкета во Тетово: Мала доверба во медиумите и политичарите, оти шират дезинформации и пропаганда
Поголемиот дел од граѓан(к)ите на Тетово не им веруваат на медиумите оти сметаат дека се продолжена рака на политичарите кои според нив, постојано шират лажни вести, пропаганда и дезинформации.
ПРОПАГАНДА
Во Хелсинки, книжарницата Русланија, која е главен дистрибутер на руски книги и филмови, објави книги кои го негираат постоењето на украинската држава. Директорот на Русланија, Андреас Агопов рече дека книжарницата останува „надвор од политиката“ и ќе продолжи да дистрибуира книги „без спротивставени ставови и позиции“, објави Euromaidan Press, прочитајте во анализата на Фронтлајн „Руска пропаганда во книжарница во Финска – продажба на книги кои негираат постоење на Украина“.












