Лиса Баута Шаќири, авторка и правничка, на панелот на ЦИВИЛ „Дискриминација и вработување во јавниот и приватниот сектор“, се осврна на употребата, односно злоупотребувањето на етничкит клуч при вработување во двата сектори.
Баута Шаќири: Знаете како, треба да направиме една разлика помеѓу тоа што е критериум, познавање на албански, македонски или англиски јазик е критериум, којшто во приватниот сектор работодавачот го наметнува како критериум. Ако се исполнат тие критериуми, може да се вработиш, ако не се исполнат, ќе се најде друг кандидат којшто ќе ги исполни. И тука нема „лутиш“. „Лутиш“ има кога го гледа името и презимето, како што спомнавте пред малку, етничката припадност и вели – не го разгледувам понатаму ЦВ-то. Тука е дискриминацијата. Затоа што не дава шанса да го прочита до крај.
Што се однесува до познавањето и непознавањето на јазиците, сметам дека кандидатите што конкурираат за одредено работно време, треба да го задржат товарот, и истовремено да бидат носители на одлуката за тоа дали ќе научат еден јазик плус, за да бидат полесно продадени на пазарот на трудот, а не обратното, во секоја фирма да има зошто некој не знае македонски или не знае албански. Тоа е личен проблем на тие што не ги знаат јазиците. Во ниеден случај не смее да оди на товар на фирмата, освен ако сопственикот на фирмата сака, или во најлошиот можен случај, на товар на државата, затоа што ние сме вработиле кадар, меѓутоа кадарот не го знае јазикот!
Јас имам уште едно прашање, како е можно да не го знае јазикот?! Како завршил основно, средно о високо образование? Во држава каде што сакал- не сакал, учиш јазик. Јас сум учела македонски јазик од прво одделение, до крајот на моите студии. Има програма којашто е усвоена од министерството за образование, по која учат сите во Македонија, освен неколку приватни училишта коишто усвоиле некоја друга програма. Не е македонскиот јазик како францускиот…па сега само во француско школо се учи… Јас сметам дека тука дискриминацијата не постои како етнички клуч, туку се злоупотребува етничката припадност за популистички цели, од страна на тие што воведуваат вакви мерки. Ако ние тргнеме против дискриминација, ајде да го тргнеме партискиот клуч при вработување. Многу поголем бенефит ќе има целата држава и економијата, ако ја тргнеме партиската припадност…
Ги слушам бројките на Ромите и размислувам зошто се толку мали бројките, и се сетив дека можеби нема стручен кадар, и потоа го слушнав вашето прашање, и на крај дојдов до заклучок дека има, но доколку нема стручен кадар, како да тргне да се образува и надградува, кога знае, а знае, Ромите во Македонија знаат дека се дискриминирани, од седење во кафана и бидување непожелни, па да не зборуваме за вработување на високи позиции. Проблемот е повеќе општествен отколку што е политички или економски. Ние треба да почнеме од најниските слоеви. Не може да се бориш против дискриминација од најгоре, со наметнување на вакви мерки. Прво и основно, ова не е демократски, пристапот е многу лош. Јас би сакала да се зголеми бројот на Ромите во приватниот или во јавниот сектор. Меѓутоа, не на овој начин. Не со етнички клуч, не со давање предност, бидејќи тогаш јас ќе треба да се запишам како Ромка за да можам да се вработам на одредено работно место, затоа што и покрај мојата компетентност, стои дека мора да биде Ром. Ние дискриминираме, сакајќи да ја отстраниме дискриминацијата.
обработка на текстот: Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска