Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, основал фирма со седиште во Пецел, предградие на Будимпешта, пишува унгарскиот портал 24.ху.
Порталот открива дека Груевски отворил приватен бизнис во Унгарија. Неговата фирма ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15 јули и тој е директор и основач на компанијата. Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење. Иако се знае дека Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник, пишува порталот.
Дојче Веле пишува дека според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во Пецел на горенаведената адреса. Од увидот во документите до кои дојде Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.
Согласно унгарските закони за секоја бизнис активност компаниите добиваат посебен даночен број, а Груевски очигледно не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите кои му стоеле на располагање. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски околу 8.350 евра, пишува Дојче Веле.