Берлин оваа сабота ја прославува 35-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид со инсталации на отворено и бројни настани.
Берлинскиот ѕид падна на 9 ноември 1989 година по неколкумесечни мирни протести во Источна Германија, а целосното обединување дојде за помалку од една година подоцна, во октомври 1990 година.
Како што пренесува German News Service, околу 5.000 постери се изложени во центарот на Берлин долж поранешната рута на Ѕидот, на изложбата насловена: „Ние ја држиме слободата високо“.
Создадени во работилници одржани од училишта, црковни парохии и културни здруженија, транспарентите ги комбинираат барањата на демонстрантите против поранешната социјалистичка диктатура, заедно со аспирациите на модерна Германија.
Инсталацијата, за која беа потребни неколку дена за да се постави, е долга околу 4 километри, а се протега од Рајхстагот до Бранденбуршката порта и добро познатиот плоштад Потсдамер Плац.
Мултимедијалните презентации и малите изложби на неколку постојки на патеката даваат информации за настаните од 1989 година.
Во сабота, долж инсталацијата треба да се одржи концерт на кој ќе настапат стотици музичари кои ќе ја свират „Саундтракот на слободата“, соопштија организаторите.
М. Д.