ЏЕЛАЛ ХОЏИЌ
Босна и Херцеговина е во најголемата општествена криза после војната и Дејтонскиот мировен договор. На сите им е јасно дека Дејтонскиот мировен договор донесе мир после страшната војна, но донесе и компликуван систем кој е пречка за побрз развој на државата. Многуте нивоа на разни власти, прегломазната администрација и многуте можности секоја страна да може да блокира било што, подразбира дека огромно мнозинство од одлуките мора да се носат со консензус на сите страни. Една држава, два ентитета, плус дистрикт Брчко, уште 10 кантони во еден од двата ентита, дополнително голем број на општини во целата држава, јасно е дека се премногу нивоа на власти за држава која на последниот попис има само 3,5 милиони граѓани.
Кога мировниот договор се толкува на различни начини
Последната криза, најголема после војната, е резултат на повеќе фактори. Меѓународниот фактор, имајќи ја силата на Овластувањата од Бонските овластувања, кои произлегуваат од имплементацијата на Дејтонскиот договор, преку Високиот претставник за БиХ, Валентин Инцко, наметна закон за забрана на негирањето на геноцидот во Сребреница. Од тогаш, Милорад Додик тргна во процес на блокирање на работата на институциите на БиХ.
Милорад Додик, највлијателен политичар на Србите во БиХ, како и член на Претседателството на БиХ, се залага за враќање на државните надлежности на ентитетско ниво, со што ќе ги врати назад сите успешни реформи од 1996-та година до денес. Дополнително, го негира Уставниот суд и не ги спроведува неговите пресуди, во ентитетот каде тој ја има власта. Во меѓународната политика се обидува да го спречи патот на БиХ во НАТО и ЕУ, иако неговата партија во минатото има изгласано закон за одбрана, во кој стои член кој ги обврзува сите функционери да мораат да работат на што побрза интеграција на БиХ во НАТО. Негова желба е и државниот имот да биде префрлен во сопственост на ентитетите. Јавните закани кои ги упатува Додик, доколку не се задоволат неговите политички желби, дека ќе организира референдум на кој едниот ентитет ќе прогласи независност, веќе е нотиран од Западот како безбедносна закана за БиХ, но и целиот регион на Западен Балкан.
Драган Човиќ, највлијателен политичар на Хрватите во БиХ, се залага за нов изборен закон, кој ќе гарантира легитимно претставување. Тој обвинува дека Членот на Претседателството на БиХ од хрватскиот народ, Жељко Комшиќ, е избран со мнозинство гласови на бошњачкиот народ, и дека со тоа Хрватите во БиХ се мајоризирани. Драган Човиќ вели дека духот на Дејтонскиот договор е нарушен, додека политичките партии кои имаат граѓански префикс велат дека Дејтонскиот договор не предвидува легитимно претставување. Постојат повеќе пресуди на Судот во Стразбур (една од нив е „Сејдиќ и Финци“), кои бараат секој граѓанин да може да бира и да може да биде биран, кои ќе мора да се имплементираат во новиот изборен закон.
Бакир Изетбеговиќ, највлијателен политичар на Бошњаците во БиХ, вели дека ако се влегува во реформа на изборниот закон, тогаш мора да се тргне можноста во Домовите на народи во парламентите на ентитетите и државата да може да ги блокираат сите закони, туку тие можности на блокади да се сведат само на закони кои задираат во етничките права. Дополнително, тој се спротивставува на политичките барања на Додик, и наместо на враќање на надлежностите на ентитетите, се залага за зајакнување на улогата на државата и интензивирање на евроатланските интеграции.
Во БиХ постои и четврта политичка страна, тоа е блок на граѓански партии, кои се залагаат за создавање на граѓанска држава, нешто на што се спротивставуваат политиките на Додик и на Човиќ. Во овој блок на граѓански партии се Социјалдемократската партија на БиХ, Демократски фронт на Жељко Комшиќ, либералната Наша странка и уште неколку помали партии. Овој блок на партии освојува сериозна бројка на гласови од сите народи. Интересно е дека во последните години Бакир Изетбеговиќ се обидува со овие политички партии да изгради пробосански блок, за да се направи баланс помеѓу граѓанскиот и етничкиот пристап, да се зајакне улогата на државата, како и да се забрза патот на БиХ кон НАТО и кон ЕУ. Сепак политичките ривалства процесот на изградба на пробосанскиот блок го прават да биде многу спор.
Западот и Истокот се судираат и во БиХ
Во БиХ постои тело кое е задолжено за имплементација на Дејтонскиот договор, но и за негово толкување. Треба да се напомене дека Русија, како една од членките на тоа тело, во последно време секогаш го издвојува своето мислење и дава политичка поддршка на ставовите на Милорад Додик и неговиот начин на толкување на Дејтонскиот договор, а кој е спротивен од толкувањата на телото (со сите други земји членки) задолжено за имплементација. Секако, постојат и оние изјави во кои Русија се заканува и го смета за провокација приближувањето на БиХ кон НАТО.
Откако Валентин Инцко го заврши својот мандат со наметнување на законот со кој се забранува негирањето на геноцидот во Сребреница, меѓународната заедница именуваше нов Висок претставник во БиХ, Германецот Кристијан Шмит. Новиот Висок претставник во БиХ, Шмит, во јавноста важи за политички близок до поранешната германска Канцеларка, Ангела Меркел. Русија и Кина не го признаваат Шмит за Висок претставник во БиХ, ја оспоруваат процедурата по која е избран, со истите аргументи кои ги користи Додик. Германија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави на Шмит му ја пружаат целосната поддршка во работата.
Од една страна, БиХ е пред добивање на статусот кандидат за членка во Европската унија и почна со реализација на годишните планови за членството во НАТО, од друга страна на БиХ ѝ се заканува нов конфликт, поради различното толкување на Дејтонскиот договор, но и различните погледи кон иднината на политичките чинители. Пробосанските политички сили ја имаат поддршката на САД, Велика Британија и Германија, додека Додик ја има поддршката од Русија, а во последно време, околу позицијата на Шмит и од Кина. Едно е сигурно, оваа криза ќе мора да има своја разрешница, затоа што оваа ситуација повеќе не е одржлива.
Секако, оние сили кои се надеваат на распадот на БиХ, гледаат историска шанса да го направат тоа сега, имајќи на ум дека членството на БиХ во НАТО и ЕУ ќе го гарантираат опстанокот, границите, суверенитетот и интегритетот, владеењето на правото, како и одржливиот економски, демократски и општествен развој на државата Босна и Херцеговина. Со тоа, темата за распадот на БиХ нема повеќе да биде реална.
Се чини дека иднината на БиХ многу зависи од тоа дали Западот ќе го остави Западен Балкан, вклучувајќи ја тука и БиХ, на негативното влијание на Русија и Кина или ќе собере сили, заедно со политичките партнери во БиХ да ги наметнат вредностите кои ги носи функционалната демократија. Западот во својата намера нема да успее ако остане само на најавите за санкции кон Милорад Додик, кој веќе неколку години е на црната листа на САД.