Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваме, владите мора да имаат одговор за фискална одржливост и да ги заштитат најранливите од влијанијата, порача од Скопскиот економски и финансиски форум потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија Ана Бјерде.
– Свесни сте колкав е фискалниот простор, јавните долгови се зголемени и има предизвици во однос на јавниот долг и нешто што не беше предвидено во буџетите. По неколку рунди на одговор на кризата, фокус треба да се стави на структурните ограничувања, што го попречија креирањето на нови работни места , исто така и фискалната консолидација, а и социјалната инклузија бараат нов фокус за премостување на структурните пречки, рече Бјерде.
Според Бјерде, потребни се подобри услови за фирмите да инвестираат, да креираат нови работни места, иновации и активности за младите.
– Тука во Северна Македонија на пример, ова значи да се загарантира поголема транспарентност и ефикасност на секторот правда, реформи на државната помош и за инвестирање во приватниот сектор, усогласување со цел вештините да одговорат на економиите во 21 век. Тие се развој, фокус на зелени инструменти. Зелената транзиција бара соработка на национално и регионално ниво со заеднички пристап, паметно земјоделство, дигитализација, вештачка интелигенција и исто така генерирање на обновливи извори на енергија, да обезбедат земјите природни извори на енергија, порача Бјерде.
Таа ја нагласи заложбата на Светска банка за развој на структурите за одржлив развој, потенцирајќи дека ова е сложен предизвик кој бара визија и храброст да се надминат економските пречки и да се спојат различни перспективи во една визија.
– Во овој период имаме многу несигурни точки, но исто така и можности да се промени насоката на политичката агенда, да се забрза имплементацијата на реформите што ќе овозможи раст. Се надевам дека ќе градиме врз основа на она што е веќе сработено во однос на инвестициите и немам сомнеж дека оваа конференција ќе даде придонес за справување со предизвиците и ќе даде поддршка на моделите за развој и намалување на сиромаштијата, заклучи Бјерде.