ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Деновиве читам светски научни искуства за справувањето со говорот на омраза, во време кога правните механизми за заштита на човековите права и достоинство потфрлаат не само кај нас туку и во целиот свет, и кога дебатата, особено на интернет и социјалните мрежи (но не само таму) е претворена во општа плукачница. Сублимирано, ова се најчестите препораки на умните и упатените луѓе во овој светски феномен, за тоа како да се остане рационален и општествено продуктивен во ова време – невреме:
– Блокирајте ја омразата, не ја игнорирајте! Игнорирањето на мразачите, кои оперираат со дезинформации и теории на заговор што добиваат сè повеќе приврзаници оти се голтаат полесно од научни аргументи за кои треба школо, ум и размислување, само им дава дополнителна сила и уверување дека се во право. Стеснете им го просторот за ширење на отровите.
– Не влегувајте во дебата со мразачите. Ниту еден рационален аргумент нема да ги разубеди ниту ќе им го промени мислењето. Дебатата со нив е невозможна и е губење на драгоцено време и енергија. Или, како што рекол Твен, никогаш не се расправај со идиот, оти ќе те свлечка на неговото ниво и ќе те победи со искуство.
– Не го преземајте нивниот мразачки товар, фрустрации и гнев врз вас. Доколку одговорите на омразата со гнев и омраза, победата е нивна. Наместо тоа, исчистете го вашиот животен простор онлајн и офлајн од мразачите.
– Ако имате слободно време што сакате да го потрошите на дискусии или критика за општото добро, употребете го во суштинска дискусија и барање решенија со оние, со кои тоа е возможно.
Ова се накусо препораките на пристапот за редукција на штетата, кој треба да се употребува сè додека не се консолидираат правните механизми што треба да ги заштитат човековите права и достоинството на луѓето во новата, дигитална ера.
Младиќот да ви каже, да не биде дека не било кажано. Пробајте и вие, па кажете дали функционира.