Што направи ВМРО-ДПМНЕ за евроатлантските интеграции, праша поранешниот пратеник Павле Богоевски за време на гостувањето во „Само вистина“. Тој кажа дека оваа партија моментално блокира уставни измени кои ќе овозможат преговори за членство во ЕУ, со цел да го промени Договорот со Бугарија.
Ајде ние сега да ги започнеме преговорите за членство, па после кога некогаш ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт нека издејствува промена на Договорот со Бугарија. Нашите преговори со Унијата ги држите во заложништво, мислејќи дека Европа ќе го промени ставот на Бугарија. Тоа нема да се случи, рече Богоевски.
Според него, треба да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени.
Очекувам да биде неизвесно до последен момент, но верувам дека ќе се најде мнозинство. Има доволно време да се изнесат аргументите. Ако не се изнајде мнозинство – да, ќе биде фатално, бидејќи на хартија тоа ни е единствениот услов, додаде Богоевски.
Тој нагласи дека постојат фактори од внатре, но и однадвор кои работат против стратешките интереси на државата.
Во гостувањето во „Само вистина“ Богоевски истакна дека постојат структури однадвор кои не сакаат Македонија да биде дел од Европската унија и НАТО, но проблем е што од внатре постојат такви кои работат против земјата да стане земја членка на Унијата.
Одговарајќи на прашање, Богоевски кажа дека се согласува со премиерот Димитар Ковачевски, во однос на изјавата дека Левица и Апасиев се најголема закана за европскиот пат, а Христијан Мицкоски е нивен заложник.
Во својата програма Левица имаат наведено дека не сакаат Македонија да биде во ЕУ и затоа тие се политички пиромани за нашите стратешки интереси. Проблемот настанува со ВМРО-ДПМНЕ, која е опозициска партија многу поголема од Левица, но и одговорноста е поголема. Оваа партија кокетира со националистички сентименти и практики кои оддалечуваат од Европа. Се до пред појавувањето на Левица, меѓународната заедница успеваше да ги заузда во ВМРО-ДПМНЕ, особено за стратешките одлуки. Тие не отстапуваа јавно од патот на евроинтеграциите, но по Левица имаме структура која гласно го кажува она што ВМРО-ДПМНЕ со декади го продава, дека не ни треба ЕУ и НАТО, туку поблиска соработка со Русија. Целото тоа гласачко тело, гаено со декади од ВМРО, сега ја поддржува Левица, објасни Богоевски.