Во саботата попладне физички беше нападнат Бранко Петровски, сопственик на мала менувачница и кафуле „Гарсон“ во чија непосредна близина неговиот напаѓач Спиро Чорогунов изгради хотел, „Александар 2“.Чорогунов го извршил нападот врз Петровски во најнепосредна близина на хотелот „Александар 2“, откако претходно му го попречил патот и побарал од него да ја симне рекламата за неговата менувачница што таму е поставена пред 19 години. Чорогунов го нападнал Петровски со тупаници, го кутнал на земја и продолжил силно да го удира во пределот на лицето.
„Не знам дали знаете какво е чувството да го гледате вашиот родител претепан. Јас знам. Гадно е. Уште погадно е да бидеш беспомошен. Татко ми е во болница а состојбата е иста, лоша! Ова е фотографија на напаѓачот. Спиро Чорогунов. До неа е крвавата менувачница на татко ми. Денес добив и снимки од настанот. Околните дуќани ми дадоа материјали што фатиле нивните безбедносни камери. Ако не ги прифатат како доказ ќе ги објавам тука. До тогаш ова е тој гнасен сурат!“, објави синот на жртвата на својот Фејсбук профил рано изутринава.
Петровски е во лоша здравствена состојба, а од информациите со кои располага ЦИВИЛ Медиа, напаѓачот Чорогунов сè уште е на слобода.