Беса и Алијансата за Албанците од вчера се во коалиција за вториот изборен круг на локалните избори. Ова го објавија двете партии по претходни најави во јавноста, веднаш по денот на гласањето.
Очекувањето на двете партии е дека, со заеднички сили, можат да го победат ДУИ и упатија апел до членовите и симпатизерите да ја поддржат оваа коалиција. Беса ќе ја предизвика ДУИ во седум, а Алијансата за Албанците во пет општини. Двете партии ќе се поддржат во сите општини каде ДУИ ќе се обиде да ја освои локалната власт.
Африм Гаши од Беса изрази очекување оваа коалиција да опстане и за идните изборни процеси. Оваа одлука доаѓа по средбата на двајцата лидери со албанскиот премиер Еди Рама, кој беше учесник на „Самитот 100“ што се одржа во Скопје на 16 и 17 октомври. Не е познато дали албанскиот премиер има влијание врз оваа одлука.
Беса и Алијансата за Албанците имаат различни позиции во однос на владејачкото мнозинство во парламентот. По локалните избори, може да се очекуваат поместувања, па и турбуленции во владината коалиција на централно ниво, наспроти изјавата на премиерот Заев дека не се планираат предвремени парламентарни избори. Останува да се види дали оваа нова коалиција има шанси да ги поремети калкулациите на ДУИ на локалните избори, а подоцна, и на владината коалиција.
Џ.Д.