Прашањето за јазикот е најсуптилната тема во спорот, вели Специјалниот претставник на Владата и поранешен премиер Владо Бучковски во видео интервјуто за „Цивил медиа.мк“ во врска со актуелните македонско – бугарски односи.
Еднаквоста на третманот на јазиците во двата договори со Бугарија, и во оној од 2009-та и во овој од 2017-та, во кои стои дека јазиците се утврдени согласно уставите на двете страни, ни дава за право да не чувствуваме дека некој сака да ни го загрози нашиот идентитет. За нас нема дилеми дека нашиот идентитет е забетониран, но поради низа и домашни околниости, не успеавме доволно да се посветиме на темата и да насетиме како и на кој начин и за ова прашање би можеле да го надминеме недоразбирањето со Бугарија.
Ние не успеавме рационално да направиме анализа за тоа зошто се случи да дојдеме во позиција, преку декларацијата на бугарското собрание и преку објаснувачкиот меморандум на бугарското министерство за надворешни работи, овде кај нас да се почувствува загрозеност за нашиот идентитет. Ова главно околу македонскиот јазик и преговарачката рамка со ЕУ, а во врска со инситирањето на бугарската страна за етногенезата на нашиот јазик.
Лично мислам дека ние треба многу похрабро да зборуваме и на оваа тема без никаков комплекс. Нашиот идентитет е забетониран и токму тоа наше чувство е добра основа за надминување на недоразбирањата и по ова прашање, вели Бучковски.