ВОЈО МАНЕВСКИ
Како што благоизволив да најавам, дека до крајот на кампањата ќе пишувам колумни со кои ќе се обидам граѓаните да ги повикам на дебата околу суштествените прашања за локалните избори кои ни претстојат.
Да почнеме од она што е основа на делувањето на секој иден или сегашен градоначалник. Како се полни и како се троши буџетот на секоја локална самоуправа? Има два дела од кој едниот е блок дотација, која се троши според ставки кои ги определува Министерството за финансии и имаат строга намена. Кога некоја ставка нема да се потроши се бара ребаланс и се гласа во Советот на локалната самоуправа. Но и овде е потребно мислење од Министерството за финансии. За блок дотациите е важно домаќинското трошење на парите. Иако во кампањите, партиите ги користат податоците кои им одговараат за пропаганда, вистината е малку подруга.
Ќе ги користам податоците од Општина Штип, кои ги познавам и ги следам повеќе од една деценија. Блок дотациите растат со процент, кој досега не е поголем од 4% на година и тоа во просек. За десет години од 420 милиони денари нараснаа до 550 милиони, колку што се за оваа година. Лесно е да се пресмета процентот на зголемување. Има проекти кои се финансираат директно од буџетот на државата и за нив општините треба да имаат подготвено проекти, но самото финансирање оди според стапките на реализација на проектот. Овде улогата на локалната самоуправа е повеќе усмерувачка, отколку креативна. Се разбира, граѓаните му го препишуваат тоа на градоначалникот, бидејќи е во време на негов мандат.
Со дотациите од централниот буџет има еден проблем. Ако Владата најави некој проект и тоа ќе се стави во буџетот на локалната самоуправа, а потоа тој проект се откаже и приходната страна на буџетот не се реализира за износот кој е ветен, мора да се пристапи кон ребаланс на приходната страна. Тоа понекогаш изгледа недомаќински, бидејќи процентот со кој се намалува приходната страна е голем. Пример, во 2014 и 2015 година тој процент изнесуваше дури 37%. Ова се податоци за основниот буџет на Општина Штип.
Основниот буџет е посебен дел од севкупниот буџет на една локална самоуправа и тоа се средствата од кои се решаваат комуналните потреби на граѓаните. Од 2010 година до сега, тој се движеше од 320 милиони денари, па до проекции од 500 милиони денари до сегашниот буџет, кој во декември се проектираше на 450 милиони денари, а пред десет дена имаше ребаланс на приходната страна каде беа додадени 32 милиони денари. Значи планирано е да се потрошат 482 милиони денари.
Но буџетот е само план на приходите и на расходите. Колку ќе биде приходната страна во декември останува да видиме тогаш. Споредбено, досега сите буџети правеле намалување на приходната страна и со тоа се зголемувал процентот на реализација. Со пресметка на намалувањето, ќе се види дека приходната страна на крајот на годината не поминува 68% од буџетот, кој е донесен како план за цела година.
Расходната страна до крајот на третото тромесечје секогаш е до висина помеѓу 30 и 40%. Последното тромесечје секогаш е со најголем процент, затоа што движењето на буџетот е зависен од неговата ликвидност. Оној градоначалник што може цело време да го следи тоа движење во позитива, во суштина, е домаќин на парите на граѓаните. Во друг случај, тоа е трупање на долговите на основниот буџет на локалната самоуправа. Ова значи дека за да се зголеми расходниот дека треба да се намали планираниот приходен дел и на крајот податоците велат дека приходната страна е реализирана со 83%, а расходната со 78%.
Ова не значи дека останале средства во буџетот од тековната година, туку дека обврските се префрлени за идната буџетска година. Знам дека изгледа компликувано, но сметководството е како модата. Можеш да носиш скинати панталони зашто е таква модата и никој не смета дека си парталав, но функцијата на панталоните е да го заштити телото од надворешното влијание, а скинатите панталони, иако се модерни, нема да ја извршат функцијата.
Многу често граѓаните прашуваат „каде одат парите од буџетот и зошто нема за сите наши потреби“?
Еве, јас со податоци од буџетот на Општина Штип, ќе се обидам да ве поттикнам на дебата и како прашање до кандидатите за градоначалници.
Буџетот засега изнесува 482 милиони денари. Има динамика на враќање на рати за кредити кои се стари и со децении. Некогаш се прескокнуваат ратите, па тешко ми е да го дадам нивниот износ за овој буџет. Вкупниот долг е нешто над 130 милиони денари. Платите на вработените во локалната самоуправа за десет години пораснаа повеќе од двојно.
Во 2010 година, тие изнесуваа околу три милиони денари. Во 2015 година нараснаа за половина милион, а во тековната година се над седум милиони денари. Овде се платите и на вработените и на сите кои по било која основа земаат плата или хонорар од буџетот на Општина Штип.
Во 2010 година вработени биле 103 лица во локалната самоуправа, а во 2020 година тој број е 173 вработени на неопределено време и уште 12 договори на определено и договори на дело. За тоа време, државниот Бруто домашен производ во просек растеше околу 3%. Од 9 и пол милијарди евра порасна на нешто повеќе од 11 милијарди евра. Ни приближно како растот на вработените во администрацијата или растот на делот од буџетот за нивните плати.
Ова звучи како во вицевите за трошењето на македонските граѓани „имам плата двесте евра, а трошам триста евра, од каде ми се ни сам не знам“. Многу лесно е за одговор. Само погледнете ја стапката на задолжување на државата и банковните биланси за издадени кредити на граѓаните.
Одговорот го знаеме сите – трошиме од идните генерации граѓани и граѓанки (подеднакво плаќаме и ДДВ, персонален данок и други даноци).
Од тој дел од буџетот што ќе остане после делот за плати и кредити се одредува износот за годишните програми за јавните претпријатија од локално ниво. За десет години, од 70 милиони денари, годишната програма нарасна на околу 170 милиони денари. И доколку се реализира во голем процент, многу од тековните проблеми и некои капитални инвестиции ќе бидат реализирани.
Овој дел често е во проблеми поради трансферите од државниот буџет по основ на поврат од ДДВ и немањето доволен прилив од комунални такси од новоизградени објекти, или од данокот на имот кој се должни да го плаќаат граѓаните секоја година. Треба да се погледне само стапката на наплата на овие буџетски приходи и веднаш ќе ни биде јасно дека сакаме услуги како граѓани, но обврските како граѓани не си ги исполнуваме.
Зголемена беше ставката во буџетот кога се наплаќаше едно евро за легализација на градежното земјиште и незаконски подигнатите градби. Таа ставка полека се намалуваше и во последните две години е симболична. Како ќе се реши тој проблем со новиот закон за легализација, ќе видиме. Останува впечатокот дека законот за легализација ги стави граѓаните во нерамноправна положба, но ги оштети и општинските буџети.
Така е со сите популистички закони. Краткорочно решаваат некој проблем, кој подоцна станува товар за целата заедница, било на локално или централно ниво.
Кога кон овие објаснети делови од општинскиот основен буџет ќе ги додадете трошоците за функционирање на сите други обврски на локалната самоуправа (греење, ладење, гориво, социјални трансфери, пожарникарска служба и сл.) се доаѓа до бројка од околу 300 милиони денари за капитални инвестиции за проекти кои градоначалникот во својата изборна кампања ја ветува на граѓаните. И овој износ зависи од приходниот дел на буџетот и ликвидноста на месечно ниво. Овде често има проблеми и затоа се реализираат малку и мали проекти кои се ветуваат во кампањата.
Затоа, моето прашање до кандидатите е такво.
Кои ви се плановите за поголем приход во буџетот и како ќе ја подигнете ефикасноста на локалната администрација која се огледа во процентот на расходната страна на буџетот? Тоа се услугите за граѓаните за кои се обврзувате дека ќе ги исполнувате.
Кои се приоритетите во трошењето на парите? Услугите на граѓаните или непродуктивни вработувања. Штедење за успешно извршување на обврските, можете да најдете само кај платите и трошоците на администрацијата, друго место нема во структурата на буџетот. Има, ама е на штета на услугите.
Затоа сметам дека секој што се кандидира за прв човек на градот треба да ги има одговорите на овие прашања. А пред прашањата да бидат одговорени, ние, граѓаните, треба да ги поставиме и да бараме одговор.
Во следната колумна ќе отворам нова тема за соработката со Советот и тоа во двете негови политички состојби. Кога градоначалникот и Советот се во иста политичка положба и варијациите кога се на различна страна, според политичката припадност. За да си ја најдеме нашата страна на граѓани на општината во која живееме.