Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан утре и задутре ќе престојува во посета на Македонија во рамки на која ќе има политички и средби со претставници на граѓанскиот сектор.
Хан, како што засега официјално е потврдено, ќе има средби со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на Алијансата на Албанците Зијадин Села, објави МИА.
Во рамки на посетата еврокомесарот ќе се сретне и со претставници на невладиниот сектор. Посетата на Скопје еврокомесарот Хан минатата недела ја најави на Твитер по средбите во Брисел со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.
„Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје, следната недела, во рамки на која ќе имам политички средби, но и средби со претставници на цивилното општество“, објави Хан.
Во твитот како извонредна ја оцени средбата Османи и со Димитров.
„Верувам дека Владата ќе го искористи позитивниот момент и дека ќе ги видиме резултатите од натамошните реформи до крајот на годината. За ова е потребна конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата“, нагласи Хан.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.