„Се надевам дека наскоро ќе биде формирана новата влада, подржана од мнозинството, со цел да продолжи да отвора европски перспективи за земјата, за да можеме набрзо да ги започнеме преговорите за членство и поглавјата за преговори. Но, за тоа да се случи, потребно е да се исполнат некои услови. Тоа ќе биде можно само ако има широко парламентарно мнозинство кое ќе ја поддржи владата на оваа земја. Само тогаш можат да бидат донесени потребните мерки“, изјави европскиот комесар Јоханес Хан, во обраќањето пред Парламентарното обрание на Советот на Европа во Стразбур.
Хан потсети дека пред две години беше постигнат договор чија цел беше да го поддржи процесот на реформи за Македонија да се приближи до ЕУ.
„Во рамките на тој процес, требаше да одржат предвремени избори и тоа се направи во декември. Сега, земјата треба да добие влада и се надевам дека земјата ќе влезе во транзициска фаза која ќе ѝ дозволи да создаде влада која ќе може да се потпре врз едно уставно мнозинство“, смета Хан.
Според него, уставното мнозинство во македонскиот парламент е потребно и за да се реши проблемот со името.
Во своето обраќање пред Парламентарното собрание, Хан два пати се осврна на ситуацијата во Македонија и на нејзините европски перспективи, како дел од одговорите на парламентарците на 47 земји- членки на Советот на Европа.