„Часот на планетата Земја“ е најголемата светска еколошка акција во организација на WWF (Светскиот фонд за природа) која преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час испраќа силна порака за спас на планетата Земја.
– Оваа акција, која започнува во веќе далечната 2007 година во Сиднеј, 15 години подоцна, прераснува во светско еколошко движење кое мотивира милиони поединци, влади и бизниси и обединува над 180 држави во преку 7000 градови, меѓу кои дел е и Македонија, појасни претседателот на локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија, Селков.
Оваа година, акцијата се одржа на 26 март, кога милиони луѓе ширум светот се обединија во момент на солидарност за планетата, но и за човештвото.
– Знаеме дека за да изградиме иднина во хармонија со природата ни треба и мир меѓу луѓето. Затоа, овогодишниот Час на планетата Земја понуди момент на солидарност со сите народи кои страдаат од војни и конфликти ширум светот; шанса за нашата глобална заедница да го изрази она што им е важно, заеднички да преземеме позитивни активности и да повикаме на свет каде што луѓето и планетата ќе можат да напредуваат заедно, вели Селков.
Според него, важно е да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето. Нивното мото е – природата и луѓето.