Проф. д-р Ана Чупеска во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА зборува и за борбата против дизнформации со апел до граѓаните да внимаваат од каде се информираат.
„Инжинирање на јавното мислење преку хибридни закани со цел да се намали целосно довербата во институции, да се намали чувство на сигурност во земјата“, вели Чупеска.
Зборувајќи за националистичките и пропагандни наративи, како и за дезинформациите, во изборен контекст, Чупеска вели дека компромисите што ги направивме за остварување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ, сега се злоупотребуваат и бара сериозен одговор.
„Да се наметне една атмосфера на безнадежност и страв и од таа перспектива да се мобилизираат некои гласови, кои што, секако, доколку се акумулираат во одреден изборен формат и политички кампус потоа, би застраниле кон други позиции. Ние тоа го гледаме дури и во некои субјекти што се финансираат од такви центри. Тие имаат за цел да нѐ одвратат од нашиот толку тешко изоден пат. Ние не направивме еден, туку многу компромиси за да стигнеме до тука. И тие компромиси што ги правевме сега се злоупотребувани против нашата државна и стратешка цел. А тоа е заокружување на нашата евроатланска перспектива. На ова мора многу сериозно да се одговори“, истакна професорката.
Таа додаде дека треба да се биде жесток во изборниот период кога станува збор за борбата против дезинформациите.
„Секојдневното пресретнување на дезинформациите треба да биде истовремено со секојдневното бомбардирање со факти. Па дури би рекла и пропагандна афирмација на она што е точна информација, на она што е вистина. Ќе биде жестоко во претстојниот период. Апелирам граѓаните да внимаваат што читаат, од што се информираат, да не запаѓаат во тие информативни дисонанци“, изјави Чупеска.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Дехран Муратов