Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер вечерва изјави дека ако воопшто дојде до договор за „голема коалиција“ меѓу конзервативниот блок на Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Христијанско социјалната унија (ЦСУ) на канцеларката Ангела Меркел и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), таа нема да биде формирана пред март следната година.
„Ако одиме по планот на СПД – прво прелиминарни преговори, па партиски конгрес, потоа главни преговори, па потоа изјаснување на членовите на партијата – формирањето на влада, ако биде постигнат договор, веројатно нема да се случи пред март“ – изјави де Мезиер, ЦДУ, во интервју за медиумската група Функ.
Де Мезиер им порача на социјалдемократите да не бидат сигурни дека во преговорите ЦДУ ќе ги прифати сите нивни барања.
„Се разбира, истото може да се каже и во обратниот случај“ – додаде тој.
Како што претходно јави МИА, преговорите за формирање на „големата коалиција“ меѓу конзервативците и социјалдемократите ќе започнат в среда, но меѓу двете партии има несогласување за повеќе прашања, посебно околу иднината на ЕУ, што најверојатно ќе има клучно влијание за постигнување конечен договор.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.