(превод од оригиналот: Saying NO to the dark past: Kamala’s forward vision / CIVIL TODAY)
Кога првпат го видов видео клипот од неколку секунди со потпретседателката Камала Харис како вели „Не се враќаме назад“, ми се вклучи алармот. Ме потсети на главниот слоган на изборната кампања, „Не се откажуваме од иднината“, што го користеа социјалдемократите во Северна Македонија, кои водеа прозападна и демократска влада што на изборите изгуби катастрофално од крајно десничарските националисти кои неодамна формираа влада во мојата земја. Веднаш им пишав на некои мои американски пријателки и пријатели за да ја споделам мојата загриженост, затоа што пораките со „не“ и „назад“ никогаш не се добри.
Една од нив, американски политички стратег, Ким Девлин, добро запознаена со политичките случувања на Балканот и особено во Северна Македонија, веднаш одговори. „Имаше толку многу работи што не беа во ред со кампањата на СДСМ што нивниот слоган беше најмал проблем. Кога ние Демократите велиме „не се враќаме назад“, ние веднаш продолжуваме да зборуваме за нашата визија и планови за иднината“, ми напиша таа.
Во меѓувреме, ја видов изјавата од потпретседателката Харис, делот каде што говори за Проектот 2025. Како што рече таа, тоа е „план за враќање на Америка во темното минато“. Да, тоа е дефинитивно нешто на што треба да се каже НЕ, и контекстот каде што вели „не се враќаме назад“ добива совршена смисла. Покрај тоа, во истата изјава, Камала ги наведе достигнувањата на претседателот Бајден, кои се во целосна спротивност со монструозниот Проект 2025. А таа изгледа и звучи моќно, решително и убедливо. Со нејзината силна и јасна визија за одење напред, таа секако може да изјави дека враќањето назад не е опција.
Седејќи во мојот мал стан во малиот главен град на мојата мала земја, направив споредба која тешко може да се направи. Сепак, продолжив да ја правам. Пристапот на Камала е во целосна спротивност со социјалдемократите во Северна Македонија, чија изборна кампања беше анемична и хаотична, слично како нивното седумгодишно владеење од 2017 до 2024 година, без оглед на многуте достигнувања, вклучително и светски познатиот Договор од Преспа што стави крај на речиси тридеценискиот спор за името со Грција.
View this post on Instagram
Потоа, Ким ми го прати и видео клипот на swifties4kamala, во кој се контекстуализира цитатот на хиперславната Тејлор Свифт: „Не се враќаме назад. Значи, никогаш“ (We’re NOT going back. Like EVER). И јас целосно го прифатив тој дел од изјавата на Камала. Засекогаш / ForEVER.
Зошто сум толку загрижен за изборите во САД? Морам да одговорам на ова прашање на многу мои пријатели и колеги овде дома. Па, нема многу што да се објаснува. Во годината на изборите, кога повеќе од половина од светската популација живее во земји кои одржуваат избори оваа година, јас сум повеќе од убеден дека изборите во САД се најважни. Демократијата во светот ќе зависи од тоа кој ќе седи во Белата куќа од јануари 2025 година. Најкритичните прашања во светот зависат од одлуките донесени во Овалната соба. Навистина, дали воените злосторници и диктатори, како што е Путин, ќе надвладеат во нивното војување против слободата и демократијата или не, зависи од тоа кој ќе биде лидер на најмоќната земја во светот. Дали бранителите на човековите права и прогресивното граѓанско општество ќе бидат кривично гонети и забранети во земји со авторитарни владетели, зависи од различните форми на заштита што САД или Германија во Европа можат да ги обезбедат. Дали Украина и Европа можат да имаат надеж за праведен мир или не, зависи од најсилната членка на НАТО Алијансата. Затоа, и поради многу други причини, важно е кој ќе победи во САД или Германија, Франција или во Европскиот парламент.
„Како што знаеш, СДСМ никогаш не зборуваше за иднината“, напиша меѓу другото мојата пријателка Ким. Па, вистина е. И тоа важи, како за социјалдемократите, така и за многу други во Европа, вклучително и за самоубиствената реакција на американските Демократи по критичната ноќ на дебатата Бајден-Трамп на 28 јуни. Но беа истрелани куршуми, а големиот Американец, Џо Бајден, набрзо потоа донесе одлука.
Кога Џо ѝ го предаде факелот на Камала, се случи ерупција на енергија и оптимизам кај Демократите и во продемократските кругови во САД, но и ширум светот. Ќе ми остане во сеќавање мојата американска пријателка, Ким, која таа вечер ми напиша:
„Џабир, морам да ти кажам дека има таква надеж, радост и енергија кај Демократите низ целата земја, од моментот кога [Бајден] ја поддржа Камала. Тој е толку сакан, и со скршено срце ја примивме веста за неговото откажување, но имаше и олеснување затоа што тој не би издржал да се бори против Трамп 3+ месеци. Верувам дека ќе влезе во историјата како најпатриотски Американец за неговата жртва. Ни требаше оваа енергија; имаме единствена шанса да го победиме Трамп“, ми напиша таа.
Ја чувствувам истата енергија. Илон Маск исто така, верувам.