пишува: СЛОБОДАН ТРАЈКОВСКИ
Се додека главни ѕвезди во разноразните контакт-емисии се разни малоумници како Талевци и ојлевци-дојлевци, не можам да прифатам дека новинарството тргнало во вистинска насока, без оглед како го нарекуваме – режимско или слободно! Па во оваа земја има и паметни и разумни луѓе, каде ви се тие? Зошто ги потиснавте? Мислите дека одите во вистинската насока?
Напротив. Многу надобудни новинарчиња, со единствена цел да си го зголемат рејтингот (а рејтинг со тоа не се зголемува, туку со искуство, напорна едукација, работа на терен, политички кризи, во војни, катастрофи и слично), ги користат овие несреќници и ги пуштаат секојдневно да се судираат со нормалните, слободномислечки граѓани, па прават каша-попара.
Тоа ми говори, како за менталниот склоп на учесниците во тие дебати (не ги исклучувам и новородените „експерти“ и други „сезнајковци“), но и за менталната матрица во рамките на која, новинарите-„звезди“, си го дигаат рејтингот на сметка на здравиот ум на повеќето граѓани, преферирајќи вербални судирања меѓу лузери и губитници. Ова е трагична комбинација, почитувани пријатели!
Затоа сум песимист. Оние што требаше да внесат свежа крв и прогрес во слободното новинарство, се покажаа како воајери, коишто надмено ги влечат конците во игрите што се нарекуваат: дебати, народни парламенти, топ теми и слично.
Краткорочно, тоа им носи поени кај публиката жедна за крв, но долгорочно, ѝ прави штета на Македонија, на севкупните желби за нормален живот и напредок.
Можеби многумина уживаат во тоа, но мене ми делува сосема изопачено. Затоа, еднаш-двапати констатирав и сега ќе повторам: далеку сте, надобудни колеги, од објективното новинарство. Тоа за вас е само фраза, но во суштина и не го разбирате, оти за вас е мислена именка!