Во текот на вчерашниот ден, извесно лице од ДИК се јави во редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, за да укаже дека насловот на објавениот текст што се однесува на истрагата од Обвинителството за гонење организиран криминал, за претседателот на ДИК, Оливер Деркоски и тројца членови на комисијата за јавни набавки, за набавка на софтверот на последните избори.
Имено, од ДИК ни укажаа дека не се работи за членови, туку за вработени во ДИК, и побараа да го смениме насловот кој гласеше „Четири членови на ДИК и сопственик на правно лице под истрага на ОЈО за злоупотреби при јавни набавки“, односно, дека тоа не се членови на ДИК, туку се вработени. Текстот што го објавивме на нашата медиумска платформа, беше преземен од друг медиум, со атрибуција, како што објаснивме и кај лицето од ДИК, а чиј наслов не е сменет до овој момент.
Ние го сменивме насловот, како што побараа од ДИК, во име на коректност и соработка, но, останува прашањето до одделот за комуникации со јавноста во ДИК, дали претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, е член на ДИК, или, како што посочија од ДИК, е само вработен во истата?
Во текот на вчерашниот ден, Обвинителството по пријава од организиран криминал на МВР поднесе пријава против претседателот на ДИК Оливер Дерковски, тројца членови на комисијата за јавни набавки во ДИК и сопственик на една фирма.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски кој е осомничен во новата истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал вели дека постапката за набавка на софтверот што се користеше на последните избори кога „падна“ системот на којшто се гледаа гласовите, била спроведена на најтранспарентен начин.
„Не би ја коментирал истрагата затоа што не сакам да го оштетам процесот. Во изминатиот период, за прв пат во ДИК, сите постапки за јавни набавки за организација на изборите се спроведени на потранспарентен начин“, изјави Деркоски, претседателот на Државната Изборна Комисија.
„Во временскиот период од февруари до септември годинава, во Државната изборна комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка, ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Д. Тахири