Бидејќи војната повторно го прогонува европскиот континент, политичкиот проект на Европа мора одново да се размислува. Наместо уште поблиска интеграција на неколку основни европски земји, натамошното проширување на ЕУ сега е повторно на агендата – не само како економска и социјална цел, туку како безбедносна мерка, за да се постигне долгорочна стабилност во сè понестабилната геополитичка ситуација. Западен Балкан повторно е во фокусот, заедно со Украина и Молдавија. Ова несомнено го поместува центарот на гравитација на исток, не само географски, туку и кога станува збор за тоа чија перспектива е релевантна, а чија не. Но, каде стои Југоисточна Европа денес? Кое е нејзиното место во новата геополитичка констелација? Дали нејзините конфликти навистина се минато? И како различните земји во регионот пристапуваат кон предизвикот за создавање инклузивни и одржливи општества, каде правата на малцинствата се одговорност на мнозинството?
Ова стои во најавата за втората Дебата за Европа што од 17 до 19 ноември ќе се одржи во Скопје
Следејќи ја дебатата во Софија за Европа одржана во февруари и на белградските разговори за војна и мир оваа есен, водечки експерти, автори, писатели и креатори на мислење ќе се сретнат во Скопје за да се осврнат на некои од најитните прашања на агендата на регионот и нивната важност за иднината на Европа. Овие прашања се акутни и итни, со многу политички карактер. Но, тие се и продукти и имаат последици за многу пофундаментални и долгорочни општествени и историски случувања.
Програмата вклучува јавни панел дискусии и литературни читања, како и интерни сесии.
„Придружете ни се да истражиме нови начини за тоа како земјите во Југоисточна Европа се гледаат себеси и едни на други – и како регионот може да одигра конструктивна улога во заедничката европска иднина!“, повикуваат организаторите.
Втората Дебата за Европа во Скопје ја организираат „Дебати за Европа“ и „Контрапункт“.
Поддржана е од Федералното министерство за надворешни работи на Германија.
Дебати за Европа е заедничка иницијатива на S. Fischer Stiftung и Deutsche Akademie für Sprache und Dichtung. Од своето основање во 2012 година, серијата „Дебати за Европа“ се одржува на места каде што е загрозена идејата за Европа. На меѓународните форуми за дискусија организирани во соработка со локални актери – главно во Источна и Југоисточна Европа – се осврнува на најитните прашања од европската агенда.
На првата панел дискусија што ќе се одржи утре во Национална галерија на Македонија, Чифте амам, насловена „Косово меѓу геополитичкиот знак и конфликтната реалност“ ќе говорат Соња Бисерко (Србија), Ветон Сурои (Косово) и Сергеј Лебедев (Русија; во
егзил).
ЦИВИЛ Медиа направи ЕКСКЛУЗИВНО интервју со господинот Ветон Сурои.
Ветон Сурои беше меѓу групата етнички Албанци, вклучително и водачите на неколку политички партии и локалниот комитет за човекови права, кои организираа тивки демонстрации на 13 јуни 1991 година во Приштина, главниот град на покраината Косово. Речиси 100.000 етнички Албанци носеа отворен ковчег исполнет со рози на гробиштата во Приштина во демонстрации за мир и против – како што го нарекоа – „насилството спроведено од српските окупаторски сили“. Се известува дека Ветон Сурои во говорот во оваа прилика рекол: „Ние сме тука да го закопаме насилството“. – стои во факсимилот од извештајот на Амнести Интернешнл од 27 јуни 1991 година.
Сурои е извонредна личност и еден од најистакнатите интелектуалци на Балканот. Неговата биографија е богата со регионални и меѓународни достигнувања во областа на политиката, дипломатијата и медиумите.
Целосната програма од „Дебата за Европа- Скопје“, можете да ја погледнете тука.
Ј. Ѓ.