ДЕН НА ГЕРМАНСКОТО ЕДИНСТВО – DEUTSCHE EINHEIT
Денеска се одбележуваат 32 години од обединувањето на Источна и Западна Германија, по падот на Берлинскиот ѕид. Оваа година, тридневен фестивал во градот Ерфурт се одржува во сенка на војната во Украина и енергетската криза.
На 3 октомври 1990 година, Источна Германија или Германската Демократска Република (ГДР) престана да постои и пет новосоздадени држави на нејзината поранешна територија се приклучија на Сојузна Република Германија (Западна Германија).
Источен и Западен Берлин повторно беше обединет и стана главен град на обединета Германија.
Што може и треба да научи светот од германското обединување на 3 октомври 1990 година?
Светот може да извлече најмалку три големи поуки од германското обединување на 3 октомври 1990 година кој се одбележува како Ден на германското единство. Обединувањето на Германија се случи неполна година по падот на Ѕидот во Берлин на 9 ноември 1989 година. Овој процес го означи и падот на советскиот тоталитаризам во светот и крајот на „ерата на поделби“ што ги предизвика Студената војна.
Западна и Источна Германија беа навистина две сосема различни држави по 45 години поделеност. Тоа што може светот да го извлече како поука од овие процеси е дека еден историски проект за национално помирување и обединување е можен само ако постои меѓусебна почит и солидарност.
Повеќе на темата прочитајте ТУКА.
ЕДИТОРИЈАЛ
Од Џабир Дерала
„Дури и по 32 години, сè уште се видливи разликите во економскиот развој меѓу западниот и источниот дел на земјата. Русите, едноставно, толку ја осиромашија и исцрпија Источна Германија, што ни децении подоцна не можат да се надминат разликите во развојот. Само во првите 20 години од обединувањето, западните Германци инвестираа 1,3 трилиони евра во источниот дел од државата. До денешен ден, субвенциите од Запад кон Исток изнесуваат меѓу 70 и 80 милијарди евра.“
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Враќањето на градот Лиман во регионот Доњецк под контрола на Украина покажува дека вооружените сили на Украина се способни да ги потиснат руските сили од териториите кои се привремено окупирани од нив, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Ен-Би-Си, известува дописникот на Укринформ.
„Оваа недела видовме дека тие успеаја да заземат нов град, Лиман, а тоа покажува дека Украинците напредуваат, и се способни да ги потиснат руските сили поради нивната смелост, поради нивната храброст, нивните вештини. , но секако и поради напредното оружје што го обезбедуваат САД и другите сојузници“, рече Столтенберг.
ИНТЕРВЈУ
Холштајн: За нас, како Европејци, клучен предизвик е и понатаму сложно да дејствуваме
Личните искуства од времето на германското обединување, ЕУ интеграцијата, регионалната соработка и Берлинскиот процес, и војната во Украина се темите на интервјуто на ЦИВИЛ МЕДИА со Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Н. Е. Анке Холштајн.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Воениот комесар на руската област Хабаровск, Јуриј Лаик е сменет од функцијата откако половина од ново мобилизираните мажи биле испратени дома бидејќи не ги исполнувале критериумите за мобилизација, изјави денеска регионалниот гувернер Михаил Дегтјарев.
*
Украина „постигнува напредок“ во регионот Херсон, и на некој начин ја менува динамиката на бојното поле и создава можност за маневрирање, вели американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој зборуваше во интервју за Си-Ен-Ен.
*
Руските војници кои го преживеаја ослободувањето на Лиман од страна на украинските вооружени сили побегнаа во привремено окупираната Шчастија, регионот Луганск, изјави началникот на регионалната воена управа на Луганск, Серхи Гаидаи, пренесува Укринформ.
*
Вооружените сили на Украина продолжуваат да спроведуваат активни воени дејствија во регионот Керсон и се зацврстуваат во ослободените области. Во меѓувреме, некои населби лоцирани долж линијата на фронтот се под непријателски оган, изјави шефицата на Обединетиот координативен прес центар на јужните одбранбени сили Наталија Хумениук за време на националниот телетон, јавува дописникот на Укринформ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ Очекувам во месеците октомври и ноември, сите процеси за сите учебници за основно и средно образование, да завршат во националната Комисија но и во процесот на печатење, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
*
ИЗВИНУВАЊЕ Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање рече дека очекува извинување од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за лагите кои опозицијата ги пласира за него, во очаен обид да го свртат вниманието од корупцискиот скандал во којшто се најде Мицкоски, тежок 136 милиони евра, информираат од Владата.
*
ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС На факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе бидат организирани први академски часови за симболично означување на почетокот на студиската 2022/2023 година и добредојде на новата генерација студенти.
*
БУГАРИЈА Магазинот „Политико“ и агенцијата Блумберг очекуваат дека ќе биде тешко да се формира нова влада во Бугарија по вчерашните предвремени парламентарни избори. И според двата американски медиуми, на долготрајната политичка криза во оваа балканска земја не и се гледа крај, јави БТА.
ИН МЕМОРИАМ Пред 27 години, на денешен ден, врз претседателот Киро Глигоров беше извршен неуспешен атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Алузиите од типот дека бизнисмените кои увезуваат јаглен и мазут за потребите на нашите производители на струја биле Албанците, соопштени на јавноста преку она „едно општество за сите“ е доказ дека Во мигот незаобиколивата политиката и дел од медиумите се недораснати во опсервациите дури и тогаш кога ситуацијата од сите во општеството бара да сме крајно сериозни во опсервациите.“, прочитајте во колумната „Дали треба да се зема ДНК од увозниците на јаглен и мазут?“, од Љубомир Костовски.
„Милиони Руси да се разбудат во новата, сурова реалност и за тоа да го обвинат Путин, а руските војници, уморни од борба и умирање за лаги, да почнат да одбиваат да се борат во Путиновата катастрофална војна, и да тргнат кон Москва за да се стави крај на војната со ставање крај на владеењето на Путин, или, според одамна воспоставената руска (советска) традиција, некој во Кремљ да се охрабри да изврши вистинска патриотска должност и да имаме објава дека Путин умрел мирно во сон.“, пишува Драган Мишев во колумната „Русија ја губи војната, веќе не е прашање дали Путин ќе падне, туку кога и како“.
„Кога на Наполеон му кажале дека неговиот маршал Мира не дошол на бојното поле, кратко одговорил: „кога од глувче правиш орел тој одозгора ништо веќе не гледа, туку само како да улови друго глувче, зошто му е видикот глувчешки, а не орелски“. Затоа почитувани сограѓани на наредните избори да внимаваме кому му даваме крилја за да не му биде видикот глувчешки.“, извадок од колумната „Ај да пробаме со добра мисла!“, од Војо Маневски.
Д. Тахири