ТЕМА НА ДЕНОТ
ЕУ го признава и вложува во нашето духовно и културно наследство, заедно работиме на негово зачувување и заштита
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во рамки на Кампањата „Ние сме Европа”, го посети еден од најстарите манастири во скопскиот регион, манастирот Свети Пантелејмон, во кој беа вложени европски средства за целосно реновирање на ѕидините и амбиентот околу него.
Вицепремиерот Маричиќ во изјавата дадена при посетата на манастирот рече дека македонското културно наследство, македонскиот идентитет, македонскиот јазик се дел од европското наследство и дека ЕУ тоа го признава, верификува и вложува во нивна заштита.
„Тоа нè прави дел од европското културно и духовно наследство, но тоа покажува дека Европската Унија се грижи зачувување и развој на културното и духовното наследство не само на своите народи, туку и на државите кандидатки, рече Маричиќ, порачувајќи дека треба да сме горди на нашето културно и духовно наследство, да работиме на негово зачувување и да направиме напори влеземе во Европската Унија што побрзо бидејќи како што рече вицепремиерот „ЕУ е подготвена уште повеќе да вложи во заштита и развој на македонското културно и духовно наследство“.
„Интеграцијата кон Европската Унија е наша децениска определба, на сите граѓани на оваа држава. Да не дозволуваме да бидеме подведени под лошото поведение на малкумина, на кои им одговара матната вода во која не туркаат да пливаме, не нудејќи избор кој е јасен и конкретен. Изборот е јасен, затоа што „Ние сме Европа“, тука припаѓаме и тука можеме да ги развиеме своите целосни потенцијали. ЕУ е за сите нас!“, во објава на Фејсбук пишува вицепремиерот Фатмир Битиќи.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите на која ќе се разговара за аргументите, а пратениците и онака секојдневно имаат директна комуникација во Собранието. Ние не бараме поддршка за Владата и мене не ми треба поддршка од опозицијата за мене лично. Опозицијата постои за да не го поддржува премиерот и да не ја поддржуваат Владата, но има одговорност да ја поддржи визијата, целта и стратегијата на граѓаните и на државата во кој правец ќе се движи“ рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешното пуштање во работа на нов објект на градинка во Карпош.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Сигурно ќе следуваат нови мерки, не може никој во време на криза да печали на грбот на граѓаните, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања во врска со поскапувањата на некои од основните производи.
ДИПЛОМАТИЈА Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, денес оствари средба со својот индиски хомолог, Субраманјам Џаишанкар. Во фокус на разговорите беше развојот на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Индија, со акцент на можностите за унапредување на трговската размена, зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските.
РЕФОРМИ Мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги – се вели во четвртиот детален извештај од следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор, спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП).
ПОЛИТИКА Пратениците денеска продолжуваат со работа. Нивниот одмор кој официјално почна после Илинден беше ставен „на пауза“ само еден ден и тоа на 18 август за седницата за потребите за уставни измени. Претседателот на Собранието Талат Џафери по оваа седница која заврши за неколку часа, продолжи да оди во својата кацеларија и да ги извршува обврските.
ОБРАЗОВАНИЕ Учебната година почнува утре, ќе доцнат учебниците за шесто одделение кои се во фаза на одобрување.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Вообичаено резервираната заменик-министерка за одбрана на Украина, Хана Малиар, звучеше мошне победнички во понеделникот, 28 август, кога за време на нејзиното секојдневно ажурирање на тековните воени операции на националниот телетон на Обединетите вести, изјави:
„Офанзивните операции се во тек во јужниот регион. Роботине е ослободено. А нашите војници се движат понатаму југоисточно од Роботино и јужно од Мала Токмачка. Ова се насоките на Новоданиливка, Новопрокопивка и Мала Токмачка – Очеретува“, ја пренесува Укринформ.изјавата на Малиар.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во свеста и вокабуларот на националистите основно е тврдењето дека тие –другите, поинаквите – колку и да се помалобројни, претставуваат смртна опасност за животот, безбедноста, благосостојбата, историското и секое друго „наследство“, честа и достоинството на нацијата.
Во градењето на наративите за „другите“, се употребуваат пораки дека тие се валкани, подли, зли и нечесни. И дека само сакаат да живеат врз грбот на кутрата нација, додека чесните и работливи патриоти се трудат чесно да заработат за леб. Затоа, повикуваат националистите, време е да им покажеме каде им е местото.
На националистите им е важно да се претстават и да бидат прифатени како патриоти, дека тие само го бранат тоа што е „наше“ и „свето“. Кој ќе им поверува и ќе реши да ги следи, стапнува во пеколот на омразата и насилството, пишува Џабир Дерала во колумната „Во „одбрана“ на нацијата: Пеколот на омразата и насилството“.
*
„Дали меѓу Париз, Софија и скопската палата „Христо Татарчев“ постои некаков бермудски триаголник? На оваа мисла ме поттикна македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој на вторничката дебата (29 август) во рамки на Бледскиот форум, говореше за една од темите на овој собир – брзината со која балканските земји треба да бидат интегрирани во Унијата.
Османи, меѓу другото, рече дека уверувањето на еден од врвните европски функционери Шарл Мишел, дека Балканот би се интегрирал во ЕУ до 2030 година, предизвика промена на скептичното расположение кај дел од македонската јавност, чија разочараност од недоволно отворените врати на ЕУ за нас, како кандидати за прием, може да биде од пресудна важност во овие моменти на одмерување на аргументите меѓу власта и опозицијата“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Блед: Добрите вести фрлени во токсичниот бунар на палатата „Христо Татарчев“.
*
„Современото општество е, вели Рајмонд Арон, демократско општество кое треба да се посматра без изливи на воодушевување или индигнација.
Особено без изливи на индигнација која во некои држави се вика вмровизација. И води во самонегација и смрт. Тоа е болест во која луѓето почнуваат да мислат дека се затвореници кои треба да се тушираат со киблата во која мочаат и серат. Вмро е дрога која ги овозможува овие прекрасни халуцинации.
Демократското општество е нормално општество, тоа не е магија, волшебност која ги решава сите проблеми на сите луѓе“, пишува Бранко Тричковски во коментарот „Без воодушевување и индигнација“.
Д. Муратов