ВЕСТ НА ДЕНОТ
Министерството за правда ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени
Министерството за правда денеска ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени предложени од парламентарните политички партии и од институциите. Рокот што им беше даден од Министерството за правда на институциите и политичките партии во дописот за номинирање свој претставник во работната група истече ноќеска на полноќ.
Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партија на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партија за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократска партија на Турците, се предлозите од парламентарните политички партии за членови во работната група.
Од институции се предложени Александар Спасов од Кабинет на претседател на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријат за европски прашања и Шпенд Садики од Министерство за надворешни работи.
Од Министерството за правда велат дека експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе се соопштат до крајот на неделава.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер до 100 денари, килограм грав 95. Кромидот поскапува за десет денари и ќе биде 70 денари, а само леќата, истакна Бектеши, ќе биде над 100, односно ќе се продава по 110 денари за килограм. Килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари“, изјави министерот Крешник Бектеши, согласно Одлуката на Владата со која се корегираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БОРБА ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИ Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, по посетата на Подгорица, се очекува да дојде во Скопје на разговори со македонските власти за борбата против дезинформациите.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба.
ОДБРАНА Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска го проследи на натамошна постапка во Собранието Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година.
ГРАД СКОПЈЕ Иако според најавите овие денови се очекуваше градоначалничката Данела Арсовска да соопшти кому се доделени трите пакет-линии за превоз на 16 автобуски линии, со што конечно би се нормализирал јавниот превоз во Скопје, таа денеска објави нов јавен оглас, односно го повтори оној што беше објавен на 6 март, со истите побарувања и услови како во претходниот, пренесува Градска.мк.
МУЛТИКУЛТУРАЛИЗАМ Четириесет и четири основни и 16 средни училишта низ државава ќе добијат средства за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција за учебната 2022/2023 година.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Главниот заменик портпарол на Стејт департментот на САД, Ведант Пател, ги коментираше изјавите на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, кој тврдеше дека Украина треба да исчезне од светската мапа, соопшти прес-службата на Стејт департментот, пренесува Укринформ.
*
Руската управа во Снижне, регионот Донецк ги отпушти вработените во локалната болница кои одбија да земат руски пасоши што им беа наметнати, стои извештајот на Генералштабот на вооружените сили, пренесува Укринформ.
АЛ-ПРЕС
На северот на Косово, во местото Лепосавиќ синоќа со оружје е повредено едно лице од српска етничка припадност, а медиумите информираат дека со изјавата на директорот на српската канцеларија за пропаганда против Косово, Петар Петковиќ, дека во него пукала косовската полиција, започнала антиалбанската пропаганда. Косовската полиција се огради од вооружениот инцидент.
Во продолжеток се темите од изборот на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-Прес.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Универзитетското образование е супериорно во однос на специјализираните курсеви понудени од профитните групи бидејќи обезбедува темели, престижен акредитив, можности за вмрежување, можности за истражување и поширок опсег на можности за кариера. Иако специјализираните курсеви може да изгледаат привлечни поради нивното пократко времетраење и пониска цена, тие можеби нема да го обезбедат истото ниво на образование и можности како универзитетската диплома. Затоа, инвестирањето во универзитетско образование е мудра одлука која може да исплати дивиденда во текот на животот на поединецот“, пишува Леон Бакрачевски, во колумната „Роди ме мајко и прати ме на курс“.
Д. Муратов