ВЕСТ НА ДЕНОТ
Економијата на Северна Македонија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто, проценува Светска банка во најновиот извештај за глобалните економски перспективи.
Економскиот раст во земјава благо ќе се забрза до 2,7 отсто во 2024 година и 2,9 отсто во 2025 година.
Светска банка предвидува дека целиот регион на Западен Балкан годинава ќе ја заврши со економски раст од 2,6 отсто. Клучни фактори кои влијаат на економските перспективи се влијанијата од војната во Украина, пониската лична потрошувачка, заострените глобални финасиски услови и послабата побарувачка во еврозоната.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА На Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вечерва ќе ги додефинираме наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи со опозицијата и во брзо време ќе ги интензивираме активностите. Ние имаме комуникации постојано, меѓутоа официјално ќе се обратиме до опозицијата за да го отвориме овој дијалог, изјави во интервју за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, прашан дали се разговара со опозицијата за формирање работни групи со цел да се постигне договор околу уставните измени.
СВЕТ Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за два клучни законски предлози за миграција и азил, објави шведската министерка за миграција, Марија Малмер Стенергард. Договорот е постигнат доцна синоќа, по целодневните преговори во Луксембург.
ЕКОНОМИЈА На едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Амбасадата на Украина во Северна Македонија организираше настан и изложба за одбележување на Меѓународниот ден за заштита на децата и 4 јуни, ден кој Украина го одбележа во спомен на децата што загинаа како резултат на руската агресија во Украина. Настанот се одржа во Музејот на макеоднската борба за самостојност.
„Пред една недела светската јавност го обележа Денот за заштита на децата, а на 4 јуни Украина го одбележа споменот на децата кои загинаа како резултат на руската агресија врз Украина. Русија веќе уби стотина украински деца, повреди и осакати илјадници, речиси 20 илјади украински деца беа насилно депортирани од привремено окупираната територија на Украина во РФ, рече украинската амбасадорка во Северна Македонија, Н. Е. Лариса Дир.
„Геноцидот продолжува, токму затоа што претходниот геноцид не беше казнет. Масовната глад во Советска Украина, или “гладоморот” уште нарекуван и “украински геноцид” или “украински холокауст”, се смета за една од најтешките национални катастрофи во украинската историја, со жртви проценети на неколку милиони. Лишени од каква било храна, луѓето полека починале во ужасни маки. Честопати, живите луѓе се доведувале до таква беспомошна состојба да не покажуваат видливи знаци на живот, и така да бидат погребувани“, рече пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова.
„Геноцидот што Русите го вршат денес во Украина има поинаков лик од Гладоморот од 1932-1933-убивање деца, жени, стари лица“, рече Олесја Стасјук, докторката по историски науки и раководителка на Националната асоцијација на истражувачи на Гладоморот- геноцид врз Украинците.
„Украина не е мртва – таа се заштитува себеси и целиот цивилизиран свет од обидот да се врати текот на историјата назад“, истакна професор Володимир Сергијчук.
На настанот говореа и заменик народен правобранител, Јован Андоновски, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и професорот Ратко Дуев.
АЛ-ПРЕС
Утрово на плоштадот „Адем Јашари“ во северниот дел на Митровица се случи експлозија при што се оштетени неколку објекти, а според медиумите, нема повредени. Магазинот „Њујорк тајмс“ минатиот месец објави длабинска приказна за Александар Вучиќ во која детално се опишани врските на српскиот претседател со криминална група која се гони за различни кривични дела, вклучително и трговија со дрога и убиства, е една од темите што се развиваат и истражуваат во косовските медиуми.
Ова е само дел од изборот на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
МУЛТИКУЛТУРА
Дерала: Медиумите треба да бидат критичкиот простор на јавноста во кој ќе се крене ѕидот пред национализмот