ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владеачките партии со Манифест за водење преговори за полноправно членство во ЕУ
Политичките партии застапени во Собранието, поднесоа Манифест на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.
„Ја нагласуваме и важноста од активна улога на сите граѓани на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Граѓаните на Северна Македонија ќе одлучат за пристапувањето во ЕУ преку референдум кој ќе се одржи пред потпишувањето на Договорот за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, односно по завршувањето на преговорите“, изјавуваат лидерите во Манифестот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија“, се вели во изјавата од Стејт департментот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Владина делегација предводена од советникот за одбрана, Драган Василевски, денеска положи свежо цвеќе на спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Скопје – Тетово со што оддадоа почит на загинатите десетмина припадници на Армијата во оружениот конфликт во 2001 година.
ОБРАЗОВАНИЕ Педесетте стипендии се наменети за студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција.
КОСОВО Западот мора да го заштити Косово од Србија и Русија, предупредуваат високи политичари. Политичари и угледни јавни личности од Британија и САД , преку писмо го изразија своето противење на „политиката за Балканот водена од Белград“ во услови на континуирани тензии.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Одлуката на Кина да се приклучи на меѓународните разговори во Саудиска Арабија овој викенд, со цел да се стави крај на руската војна во Украина, сигнализира можни промени во пристапот на Пекинг, но не и пресврт во неговата поддршка за Москва, велат аналитичарите.
*
По бунтот на Пригожин, Кремљ обезбедува тешко оружје за „Росгвардија“, јавува британското Министерство за одбрана.
*
Глобланата Иницијатива против Транснационалниот Организиран Криминал (ГИ-ТОК) објави нова анализа, во која се истражува влијанието на војната во Украина врз шверцот на гориво во Југоисточна Европа. Насловот на публикацијата е „Гориво за потпалување на огнот“ во која се повлекуваат паралели меѓу шверцот со гориво меѓу минатите конфликти во поранешна Југославија и сегашниот во Украина.
*
Тенковите играат важна улога во модерното војување со комбинирано вооружување давајќи им на силите маневрирачка оклопна огнена моќ. Обезбедувањето на западните држави со главни борбени тенкови за Украина ќе и помогне на украинската војска да спроведе механизирана војна за да ја порази руската војска и да ја ослободи украинската територија.
АЛ-ПРЕС
Владата на Србија ги обнови таканаречените привремени тела во општините на Косово, вклучително и северните, во кои е предупредено дека по летото ќе има нови избори, акција која е кршење на Бриселскиот договор, пишуваат меѓу другото косовските медиуми. Во Албанија, ЦИК ги затвори локалните избори што се одржаа на 14 мај.
Ова се дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во актуелнава бучава на темата „за“ или „против“ уставните корекции, практично „за“ или „против“ ЕУ преговори „под овие околности“, а во отсуство на дефинирани одговори за тоа „под какви околности“, вирее амбиент кој резултира со сè подлабоки делби на македонското национално ткиво, со расфрлање етикети за „патриоти“ и „предавници“, посебно меѓу Македонците, покрај дури, еве и некаквиот разбирлив реактивен антибугаризам, тлее, нараснува и поминува во еден шокантно доминантен анти европеизам кој, преведено на перспективноста на македонската нација, на општеството воопшто и на државата во целина, навидум, само навидум, е една фина но, всушност, една моќна појава на класичен национализам кој брзо и лесно, како ЕУ автогол, може да се стркала на теренот па после ќе е неважно дали таквиот македонизам, во контекстов практично антимакедонизам, е кабинетски проектиран или е само природна емотивна реакција форсирана од влијателни академици, професори, уметници, уредници, аналитичари или кажано во актуелниот жаргон, од посветени „патриоти“ наспроти анационални „предавници“, сеедно, зашто на крајот, кажано во една реченица, епилогот ќе се сведе на веќе доживеана национално фрустрирачка состојба дефинирана уште во насловот“, пишува Зоран Иванов во колумната „Од национална еуфорија до национална траума патот е само една педа“.
*
„Ефикасен државен апарат не им е потребен на Европјаните тие си го имаат. Нам ни е потребен ако сакаме да се бориме со сивата економија и корупцијата па општествениот производ да се усмерува таму каде што е неопходно. Нема подобро здравство ниту поголеми плати на медицинарите ако парите одат на коруптивни зделки или воопшто не се уплатуваат во буџетот. Така е во сите сегменти на општеството. Затоа ни се нужни реформи кои самите не можеме да ги направиме зошто сме заболени од балканската болест на ирационален инает и завидливост. Научниците нека и дадат име на таквата болест која се состои во љубомора кон соседот па дури и да е тоа соседен народ а не само семејство“, пишува Војо Маневски во колумната „Принцип или инает“.
Д. Муратов