ВЕСТ НА ДЕНОТ
Приведен средношколец од штипската Гимназија по објавени закани на „Инстаграм“
Средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип вчера на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавил текст со заканувачка содржина. Случајот го потврди СВР Штип од каде информираа дека тој е приведен.
– Полициски службеници од СВР- Штип го лишиле од слобода 18-годишен Б.Д.од Штип, бидејќи во 12:18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението од СВР-Штип.
Директорот на училиштето Марјан Арсов денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето направиле разговор со ученикот и со неговите родители.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Уште еднаш можеме да видиме дека политичките партии, освен што знаат да си присвојат добри идеи, предлози и знаења, не знаат, и по многу години, да му дадат признание на невладиниот сектор дека, сепак, предлозите потекнуваат од нив. Тоа е една забелешка што ја имаме со години наназад“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг и бројни анализи и истражувања во областа на изборната проблематика.
Според Дерала, потребно е да се изгради систем, со прецизни, логични и остварливи законски решенија. Дури потоа може да се менува изборниот модел.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ГРАД СКОПЈЕ Буџетската сметка преку која се вршат сите плаќања кон доверители, се делат плати на вработени, се префрлаат пари за субвенции на јавните претпријатија е блокирана поради долг на Градот. Извори за Сакамдакажам.мк велат дека блокадата е поради тужба кон Градот за предмет од пред 10 години, во време кога градоначалник беше Коце Трајановски, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите.
ДЕМАНТ Министерството за труд и социјала политика ги оцени како неаргументирани, неиздржани и паушални објавите на социјалните медиуми во врска со третманот на децата сместени во згрижувачки семејства и групни домови, а во врска со работата на Министерството за труд и социјална политика, објавени на ФБ страницата на политичката партија – Левица.
КОРИДОРИ Потребата од доизградба и модернизација на патната мрежа низ државата е суштинска потреба заради брз економски развој, како и интеграција на транспортниот сектор со ЕУ. Транспортните политики на државата мора да се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија. Токму затоа изградбата на коридорите 8 и 10 е стратешка определба усвоена и во Националата транспортна стратегија 2018-2030, објави Фронтлајн.
ИЗМАМИ Десетици измамени граѓани се соочиле да плаќаат рати од туѓи подигнати брзи кредити. Само во 2022 година евидентирани се 43 случаи на измами со брзи кредити, велат од МВР за Centar.mk.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека на Украина и треба повеќе време за да започне многу очекувана контраофанзива против руските сили, бидејќи војската ја чека испораката на ветената помош од Западот.
*
Русија го прослави својот главен празник „Денот на победата“ и се подготвува за суровите воени рутини, ракетирање и гранатирање цивилни цели, уништување на критичната инфраструктура и убиства на цивили, единственото што сега сеуште е во можност да го прави, откако на бојното поле одамна не и цветаат рози (или поточно, и венеат). И се разбира, сето тоа со жестока пропаганда и дезинформации кои имаат успех само уште пред домашната јавност (и некои тврдокорни рашисти, претежно распоредени на југоистокот на Западен Балкан), која Кремљ ја држи во информациски мрак.
*
Руската пропаганда ги засилува лажните наративи за намерата на Полска да присвои делови од Украина
АЛ-ПРЕС
Во фокусот на медиумите во Албанија денеска покрај предизборната кампања, се наоѓа и најавата од поранешен кандидат за американскиот Сенат дека ќе објави докази против поранешниот шеф на контраразузнавањето на ФБИ, Чарлс Мекгонигал. Денеска во Република Косово престојува Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, кој имаше средба со косовскиот премиер Курти.
Во продолжение е изборот на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Балканот е секако плодно тло на усни преданија кои даваат пожелна слика за користењето на оружјето како дел од созревањето на машкото дете, кое од „тоа“ треба да стане „тој“!
Зад ова стојат стотина приказни и митови, ама побитно е дека тука се водени толку многу војни. Како што се вели, тука има толку многу историја што таа се прелева и на околината. Српската стварност и во последните децении едноставно е дел од таквото продолжување на војничките приказни со масовно вооружување и поттикнување на решавањето на проблемите преку орозот.
Позната е онаа реченица на експретседателот на Србија Слободан Милошевиќ – „можеби не умееме да работиме, ама умееме да се тепаме“, дадена пред НАТО бомбардирањето (1999 г.), за која велат дека излегува од збирката на поговорки што постојат во Вујаклија од постари времиња“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Коста К. и Урош Б.: Докази за машкост исковани во праисторијата“.
Д. Муратов