ВЕСТ НА ДЕНОТ
Договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“ за субвенционирани летови до Франкфурт, Луксембург, Штутгард, Салцбург и Љубљана
Со субвенции од Владата, германската авиокоманија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Виз Ер“ четири, – од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Виз Ер“.
„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април десет пати неделно, а „Виз Ер“ за новите четири дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава. Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати. Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Тоа се охрабрувачки информации каде што тие се свесни дека ова е нешто што треба да го направиме за да го продолжиме европскиот пат. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат и јавно и да дадат поддршка“, изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев Богоев во интервју за неделникот „Фокус“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Поради истек на време и промена на членови на Судечкиот совет, судењето на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“ во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска започна од почеток.
КОРИДОР Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д има ниво на доверливост, но оти никој не крие ништо од никого. Согласно процедурите, како што објасни денеска премиерот, има институции што можат да го добијат Договорот, а тоа ќе биде направено и со Јавното обвинителство, откако ќе го побараат.
ПРАВА Вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го информираше народниот правобранител Зибери за координативните активности што ги презема нејзиниот Кабинет, со цел да се обезбеди поефикасна имплементација на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, подготвен од Европската комисија.
УСТАВНИ ИЗМЕНИ Претседателот Стево Пендаровски смета дека во моментот нема согласност од сите политички чинители за да се одржи кај него средба на која би се зборувало за можните уставни измени. Како што вели Пендаровски големи се разликите околу ставовите за правење измените на Уставот.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Дваесетгодишно момче, кое работело во воена база, а било голем љубител на оружје, е лицето кое е одговорно за објавување на доверливите американски документи, што поттикна истрага за националната безбедност на САД, јави Вашингтон пост, повикувајќи се на членови на социјалната мрежа Дискорд, пренесе МИА.
*
Генералштабот на вооружените сили на Украина утринава соопшти дека во тек се најжестоките борби со руските сили во областа Бахмут, каде Русите се обидуваат да преземат целосна контрола над градот. Украинските сили посочуваат дека Русите гранатираат некои населени места.
АЛ-ПРЕС
Во сагата со формирањето Заедница на општини со српско мнозинство се приклучи и Русија, односно рускиот амбасадор во Белград Александар Харченко, кој соопшти дека Кремљ ќе отвори продуктивна дискусија во ОН за проблемите на Србите во Косово. За прв пат Албанија се приклучи на поморските патроли на НАТО, а денеска стапи на сила договорот за слободно движење за прекуграничните области со Албанија и Косово.
Во продолжение се темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Перфиден бугарски обид Бугарите во македонскиот устав да влезат не како сите други, како „дел од бугарскиот народ“ туку како „Македонски Бугари“, е навестување кое, како термин, деновиве од уста не го вадат и бугарскиот претседател Радев и неговиот времен министер за надворешни работи, Милков.
Згора, со интензивирање на активностите за отворање на Уставот, зачестуваат и нивните уцени од типот „доколку македонските Бугари не влезат во македонскиот Устав, ќе немало ништо од македонскиот ЕУ пат“.
Па добро, нека нема. Ама нема ни Македонски Бугари. Има Бугари во Македонија како што има и повеќе други етникуми. Ама „македонски“ Бугари овде нема како што во Бугарија нема „бугарски Македонци“. Има Македонци во Бугарија бугарски државјани идентично како што има Бугари во Македонија македонски државјани. Просто, пишува Зоран Иванов во колумната „Кукавичко јајце“.
„И покрај многубројните институции, некои и образовни, поврзани со јавното информирање, не ретки и невладини организации кои се бават со децении со откривањето на деформациите во нивната сфера, ние и после 30 години од обидот да се воведе парламентарната демократија во земја која претходно имаше поинаков политички систем, не утврдиме постоење на некои трајни камчиња во чевелот на т.н. седма власт.
Како се нашле тие каменчиња таму? Зошто досега, едноставно, не еродирале? Како тоа, кај нас, профитер во оневозможувањето на слободното движење на информаторите и нивните матични куќи, се јавува само на една страна на политичкиот пејзаж? Има тука многу слични прашалници. Неможност да се дојде до некои општи сознанија кои ни се пред очи или одбегнувањето да се прават анализи за скалилата по кои се движи новинарството?“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Медиумите на кратко јаже со центарот на лагите“.
Д. Муратов