ВЕСТ НА ДЕНОТ
Денеска од Скопје започнува кампањата „Ние сме Европа“.
Кампањата предводена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, ќе се реализира во осум градови низ државата: Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип. Ќе бидат организирани серија настани и информативен караван под мотото „Саем на европски вредности“, на кои ќе се презентираат можностите и придобивките кои ги нуди членството во ЕУ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Тоа што се случи во Блед, е дел од историјата. Ќе биде дел од историјата. Тоа што беше Солунскиот самит во 2003 година мислам дека од прилика таква тежина ќе има Бледскиот стратешки форум каде што претседателот на Советот во свој потполно официјален капацитет, не во приватен капацитет, во име на ЕУ рече Унијата ќе биде спремна до 2030 година да прима нови членки. И тоа е пораката што ние ја баравме. Знаете колку време јас зборувам за 2030 година? И јас мислам дека е тоа дел од тоа наше лобирање што се случи во Блед. Бидејќи ова сега ќе ни даде рамка, ќе ни даде идеја за што работиме, за кога работиме. Тоа не значи дека 2030 ние ќе влеземе ако не сме спремни. Важно Европа ќе ги отвори вратите до 2030 година“, рече Бујар Османи на новинарско прашање на прес-конференција во МНР.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Канада како искрен пријател и партнер ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија во ЕУ, а дава и силна поддршка на активностите во однос на нашето претседавање со ОБСЕ. Канада и Северна Македонија се силни поддржувачи, пријатели и сојузници на Украина, при што врвен приоритет останува војната во оваа земја, беше посочено на денешната заедничка прес-конференција на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Канада, Бујар Османи и Мелани Жоли.
МТСП Пензиите продолжуваат да се исплаќаат на почетокот на месецот, се враќа редовниот начинот на исплата како пред пандемијата.
МВР Во борбата против илегална миграција – во првата половина од 2023 година имаме сузбиена 17-члена организирана криминална група, спречени се 5.018 обиди за илегални преминувања, откриени се 36 случаи на криумчарење на 286 мигранти за што кривично гонети се 28 лица, објави на неговиот официјален фејсбук профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ПОЛИТИКА Пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија Моника Зајкова во интервју за Рацин.мк зборува за постојаната реторика на опозицијата за избори во тек на значаен процес, измените на Уставот, стратешката определба за ЕУ, како и за опасноста опозицијата повторно да не внесе во чекална на ЕУ, во која поминуваме години и години.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Четири руски воени авиони во воздухопловна база во регионот Псков се во пламен во, како што изгледа, најголемиот напад со беспилотни летала врз земјата од почетокот на војната во Украина.
Според Метро, непотврдени медиумски извештаи сугерираат дека меѓу 10 и 20 беспилотни летала погодиле воздухопловна база во регионот Псков, во близина на границата со Естонија и Латвија, нешто пред полноќ во вторник.
*
Основачот на ослогласената парамилитантна група Вагнер, Евгениј Пригожин е „жив, здрав и слободен“ – и ја планира својата одмазда, сензационално тврди рускиот пропагандист, политички аналитичар и теоретичар на заговор Валери Соловеј кој инсистира дека во авионот наместо Пригожин бил еден од началниците на платениците кога неговиот авион беше разнесен со одбранбена ракета во напад одобрен од самиот Владимир Путин.
*
Руски ракетен напад врз Кијив: Двајца загинати, соборени над 20 проектили
*
Руските товарни бродови ги исклучуваат своите сигнали и мешаат украдено жито со неукрадено за да го поматат неговото потекло, според истрагата на Bellingcat во соработка со американските медиуми Scripps News и Lloyd’s List.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Кога ќе се препознае национализмот кој доаѓа од „другите“, тоа ни оддалеку не го подразбира правото и другата страна „да стане“ националистичка. Тоа „станување националист“ се препознава во наративот: „Не сум националист, ама…“
Ако вашиот одговор кон национализмот на „другите“ содржи национализам, ништо не сте постигнале. Само отворате можности за негово разгорување и продлабочување, создавате можности за тензии и конфликт.
Ако на национализмот му одговорите со национализам – поразот веќе е на прагот“, пишува Џабир Дерала во колумната „Национализмот не води кон победа на едните или другите – сите губат“.
*
А, да прашам за етничкото потекло на богатите? Тие патриоти се или не? Ако се патриоти, како тогаш со преземањето на богатството и моќта не ја презедоа и одговорноста за својот народ и држава? Патриотизмот не е луксузна куќа, вила или автомобил. Тој е пат да се стигне до нив, тоа е модерната дефиниција. Ние оглувевме од дебатите ама и огуглавме на сѐ околу нас. Тие прогледаа, провидеа а огуглаа на нашите проблеми, пишува Војо Маневски во колумната „Оглувување – огуглување“.
*
„Многу конфузии во толкувањата на деновиве актуелната медиумска тема во врска со проширувањата и нужната и одамна најавувана ЕУ реформа а, кажано во една реченица, сублиматот би бил многу едноставен зашто сé се сведува на фактот дека ЕУ, секако под силното влијание и на САД, прво, останува отворена за прием на нови членки но, второ, во истовреме е соочена и со потребата од сопствена радикална организациска реформа чии контури упатуваат на фактот дека на најмоќните ЕУ членки, на оние кои доминантно го полнат европскиот буџет, веќе им пука филмот и дека повеќе нема да толерираат помалку моќните да се мангупираат со разно разни хирови злупотребувајќи го принципот на консезус и, ете, и поради тие причини, првичните ЕУ реформски сигнали се во насока на неколку, како што ги именуваше и самиот Макрон, “брзини” кои неминовно би биле детерминирани од БДП на секоја земја членка па реално е да се очекува дека во првата “брзина” ќе се вкотват економски најмоќните…“, пишува Зоран Иванов во колумната „Новата ЕУ и брзините на Макрон – секој на столчето што самиот си го заработил“.
*
„Ова не е “Европа во повеќе брзини” од ерата на Меркел. Станува збор за секторскиот приод и новата методологија: во еден сектор може да си потполно интегриран, во други делумно дур трае пристапувањето. Ова е основата на методологијата од 2020. Ништо ново.
Како подетално би се разработила, останува да се види, но не значи – “чекајте да се реформираме за да влезете,” како што се шири параноја овде. Напротив, и оние што допрва станаа кандидати, во некои сектори би влегле целосно, иако нема да бидат полноправни членки до 2030, како Украина, Молдавија или Босна, пишува Катерина Колозова на својот Фејсбук профил.
Д. Муратов