ВЕСТ НА ДЕНОТ
МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, редовната непречена исплата на пензиите го потврдува тоа
Го демантираме и го отфрламе тврдењата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и државата доцни со исплатите кон банките, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму потврдуваат дека во изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот на истите е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на Ковид пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите.
„Министерството за труд и социјална политика апелира да не се креираат страв кај пензионерите и да не се манипулира со недостатокот на информации кои го имаат, а се со цел да се обезбеди масовност на протестите кои се политички обоени“, се наведува во соопштението од МТСП.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Манифестот потпишан и поддржан од сите политички партии ќе биде силен доказ дека сите имаме иста мисија и цел кога е во прашање иднината на државата и граѓаните. Со заеднички глас за европската иднина да тргнеме по патот на целосно трансформирање на македонското општество“, пишува вицепремиерот Маричиќ на Фејсбук.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Заради големата разлика во изречената казна, Судскиот совет најавува дека по годишните одмори, ќе го испита случајот со изречената пресуда на Апелациониот суд во Скопје, со која 18-годишната затворска казна на Основниот суд Велес за сообраќајна несреќа со смртни последици е намалена на 8 години.
ПОЛИТИКА Концептот за влез во ЕУ е македонизација, а не бугаризација – радикална структура во ВМРО-ДПМНЕ го искара Мицкоски зашто постигна договор за Уставот, вели потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во интервју за ТВ21.
ЗДРАВСТВО Обезбеден е лек за конго-кримска хеморагична треска, а болничарката на Инфективната клиника е во стабилна состојба. Информацијата за МИА ја потврди директорката на клиниката, Милена Стевановиќ.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Во септември руската телевизија ќе понуди нова едночасовна дневна програма. Името допрва треба да се реши, но продуцентите веќе се кастираат: сопругите и мајките на воените регрути. Учесниците мора да го евоцираат херојството на нивните сопрузи и деца и да раскажуваат потресни приказни кои ќе послужат како придружба на плановите на Кремљ да фрли повеќе млади луѓе во мелницата за месо, што е нивната војна со Украина.
*
Според објавите на социјалните мрежи, Руските затвореници намерно се инфицираат со ХИВ во обид да избегнат присилна мобилизација и сигурна смрт во Украина.
*
„Крим е Украина. Затоа, веднаш штом ќе го ослободиме Крим, ќе сториме се што е потребно за да ги заштитиме домородните народи на Украина и да ги изведеме пред лицето на правдата руската војска и власти одговорни за извршување на воени злосторства“, напиша Дир на Твитер.
АЛ-ПРЕС
Во студија за состојбите на медиумите во Албанија и Косово, под авторство на Линдита Цамај, професорка по новинарство на Факултетот за комуникации на Универзитетот во Хјустон, се наведува дека освен што медиумите во Албанија се еднострани, главните тешкотии на новинарите е во пристапот до информации и официјални документи.
Владата на Косово и таа на Србија се судрија на социјалните мрежи во врска со косовските експонати кои српската држава ги чува 24 години. Додека Министерството за култура на Косово ја продолжува кампањата со барање за враќање на експонатите кои Србија ги држи во заложништво со кршење на меѓународните конвенции, Министерството за култура на Србија шири обвинувања дека српските цркви и манастири на Косово се во опасност, пишуваат косовските медиуми.
Ова се само дел од темите на редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
ЗЕЛЕНА ИДНИНА
Северна Македонија е дел од Зелената агенда за Западен Балкан, а зелените политики во измината година ги води во правец на обновливи извори на енергија (фотоволтаици, ветерници), инвестирање во зелени бизниси и подготовка на Закон за климатска акција. Нацрт-предлог Законот за климатска акција е во постапка, а во него ќе бидат уредени воспоставувањето на рамка за климатска акција за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата и отстранување по пат на природни и други апсорбенти, како и адаптација кон климатските промени. Министерството за животна средина и просторно планирање за неговата достапност извести на 31 јули 2023.
*
Најновите настани уништија големи хектари земја, оставија десетици луѓе повредени, принудија илјадници да се евакуираат и, во некои случаи, предизвикаа смртни случаи, а тие доаѓаат веднаш по жешките температури што зафатија голем дел од Јужна Европа ова лето. Климатските промени направија екстремните горештини да бидат прилика на потоплите месеци во Европа, но експертите велат дека континентот не успеа значително да се прилагоди на потоплите услови. Владите во многу земји сега се борат да ги решат разорните ефекти.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Дел од македонските медиуми објавија „вест“ дека кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје помеѓу десетте загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година, се и Ердован Шабаноски и Веби Рушитоски. Меѓутоа, за разлика од загинатите Македонци кои животот херојски го дадоа за Македонија, двајцата Роми од Прилеп всушност животот го дадоа за да „купат коњи и да влечкаат дрва од планините“, пишува Дехран Муратов во анализата „НАЦИОНАЛИСТИЧКИ НАРАТИВИ: Наместо како херои, Ромите на Карпалак загинаа за да „купат коњи“.
*
„Зошто медиумската „елита“ не сака да го слушне гласот на прогресивните и проевропските интелектуалци и организации? Зошто голем број уредници имаат свои „тефтерчиња“ во кои се ставени имиња чиј глас никако не смее да се слушне. Само еден од бројните примери е случајот со потписникот на овие редови чие име не смее да се спомне во Македонското радио, на пример. Дури ни на темата контрола на оружјето и борба против култот кон оруженото насилство (во деновите по масовното пукање и масакрите во Србија).
Навистина, дали некој се прашал – кому му одговара тие целосно да се истиснат од јавниот дискурс? Не да бидат на маргините, туку да ги нема!“, пишува Џабир Дерала во колумната „Непријатен потсетник“.
Д. Муратов












