ВЕСТ НА ДЕНОТ
Резолуција во Сенатот – да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство
Републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Колоски: Предложената Резолуција во Сенатот е признание за Македонците во Америка и нивната улога во унапредување на САД во последните 150 години
„Ова е признание за Македонците во Америка и нивната улога во унапредување на САД во последните 150 години. Слични месеци има за други етнички заедници во САД, и не бараме ништо друго освен поголемо признание на нашата заедница, која се претпоставува дека има над 500.000 Американци со некакво македонско потекло или родум во САД“, изјави Мето Колоски, коосновач и волонтерски претседател на Обединетата македонска дијаспора.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руската пропаганда ја внесува информативната војна против Украина во светот на видео игрите за да придобие нова млада публика
Руската пропаганда се шири преку видео игрите. Русија ја внесува информациската војна против Украина во виртуелен свет на видео игрите, ги користи нив, поврзаните страници и гејмерски заедници за да шири пропаганда на нова, главно млада публика, која Кремљ ја користи за да ја оправда војната во Украина, пишува Њујорк Тајмс.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОСТАВКИ Денеска сите министри од ДУИ ги доставија оставките до премиерот, информира вицепремиерот Артан Груби.
ЗДРАВСТВО Формирана стручна комисија што го утврдува предлогот на листата со лекови на товар на Фондот.
ИЛИНДЕН Со отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ вечер на Гумење во Крушево и официјално почнува чествувањето на големиот празник Илинден. Годинава се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република. На отворањето на манифестацијата ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албанските медиуми во регионот – ЕУ со препораки за борба против корупција на највисоките нивоа на власта во Албанија; уапсен поранешен припадник на ОВК во Албанија; десет причини зошто Македонците треба да го научат албанскиот јазик
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
„На лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не му се допадна и изјавата на амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркуш, дека „животот не е фер, а Македонија нема друга алтернатива од тоа да се направи она што треба“.
Мицкоски му порача на амбасадорот „Тоа дома. Мене не можеш…“.“, пишува Дехран Муратов во политичкиот Океј Корал „Мицкоски им се скара на сите европејци“.
АНАЛИЗА
ВМРО-ДПМНЕ е единствена пречка за европскиот пат, аналитичари: Скопје и Тирана имаат одлично заедничко патување кон ЕУ
„Албанија и Северна Македонија имаат одлично заедничко патување кон европскиот сон за кој долго време сонуваа двата наши народи. Солидарноста меѓу нашите земји е видлива. Ги имаме сите можности заедно да ја постигнеме оваа цел, бидејќи волјата и интересите на двете наши земји силно ги поддржува и самата Европска Унија“, вели аналитичарката за европски прашања од Тирана, Дориана Метолари.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Тоа е тоа. Бајден и шефот на вмро-не. Тоа се врвните светски авторитети кои можат да го решат светскиот проблем – внесување на бугарското и неколку други етнички заедници во македонскиот устав. Руска агресија во Украина? Климатски промени? Политички и воени кризи низ светот? Економска нестабилност? Болести, глад и немаштина?“, пишува Џабир Дерала во колумната „Бајден да му се јавел на шефот на вмро-не“.
Д. Тахири