ТЕМА НА ДЕНОТ
Спортот, киднапиран за политички цели
Европската фудбалска федерација (УЕФА) се очекува да поведе дисциплинска постапка против Шкупи и Левски за инцидентите поврзани со синоќешниот дуел во Скопје меѓу македонскиот и бугарскиот тим во рамки на првиот натпревар од второто коло во Конференциската лига. Натпреварот официјално го следеа 6.000 гледачи од трибините на Националната арена „Тодор Проески“, меѓу кои околу 900 дојдоа организирано од Софија да го бодат бугарскиот тим. Натпреварот меѓу Левски и Шкупи наместо до спортски дух, помина со насилство, говор на омраза и националистичка реторика.
ЦИВИЛ – Центар за слобода изрази згрозување и крајна осуда за екстремниот говор на омразата и насилството на улиците на Скопје, пред и по натпреваро.т
„Ова треба да се запомни како неславен ден за спортот. Политиката, екстремниот национализам и насилството беа главен белег на овој спортски настан… ЦИВИЛ бара од релевантните институции во нашата земја, како и во Бугарија, да го санкционираат ваквото однесување на спортските терени. ЦИВИЛ ги повикува медиумите и целокупната јавност решително да ги осудат и отфрлат сите појави на национализам и говор на омраза“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
Основното јавно обвинителство Скопје, пак, информира дека е известено за настанот и ги издава сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во кој вчера беше повреден еден навивач на фудбалскиот клуб „Левски” од Софија. Во инцидентите беа приведени 21 навивач, а еден заврши во болница со убодна рана. Од нив 19 приведени биле навивачи од Република Бугарија, соопштија од МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека се идентификувани напаѓачите кои со нож прободеле навивач на ФК„Левски“ вчера во Чаир и дека се работи на нивно пронаоѓање.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Ако досега ветото за Северна Македонија за евроатлантските интеграции доаѓаше однадвор, денес прв пат ветото може да дојде одвнатре и тоа од политички партии, кои понекогаш декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата, меѓутоа тие историски имаат докажано дека се против евроатлантските интеграции на државата. Она што е најфрапантно е дека ние за првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека граѓаните пред 32 години се определиле земјата да стане дел од НАТО и ЕУ.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
На 28 јули, Украина го слави Денот на Украинската Државност. Украина ја прогласи својата независност за прв пат во XX век на 22 јануари 1918 година. Со актот од 24 август 1991 година, Украина ја обнови својата независност. На 28 јуни 1996 година се случи уште еден значаен настан – донесувањето на Уставот. Основниот закон конечно ја прогласи Украина за суверена, независна, демократска, социјална, правна држава, го призна човекот како највисока општествена вредност и воспостави владеење на народот.
*
Во текот на изминатиот ден, 27 јули, руските трупи гранатираа 23 населени места во регионот Запорижја.
*
По состанокот во Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден и италијанскиот премиер Џорџ Мелони ја продолжија својата сеопфатна поддршка за Украина онолку долго колку што е потребно.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОРИДОР 8 Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министрите за надворешни работи на Италија, Бугарија и Албанија, Антонио Тајани, Марија Габриел и Олта Џачка ја презентираа четиристраната иницијатива за заедничко поврзување и економски развој на регионите долж Коридорот 8. Оваа политичка платформа ќе придонесе за севкупната соработка и зајакнување на безбедноста на регионот, а особено ќе влијае на ЕУ перспективата за целиот регион на Западен Балкан.
ИЛИНДЕН СДСМ денеска до Собранието поднесе Декларација за Илинден – најголемиот македонски државен празник. Очекуваме оваа Декларација наскоро да се најде пред пратениците и повикуваме секој пратеник без разлика од која партија доаѓа, да ја поддржи и таа да биде усвоена од македонското Собрание, изјави пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски.
УСТАВ Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е оптимист за усвојување на уставните измени до крајот на годината
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми: Фудбалската федерација на Косово со реакција за кореографијата на „Делије“; градоначалникот на Зубин Поток ќе поднесе оставка само доколку се сложат сите страни; злоупотреба на ИПАРД фондови и во Албанија
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Екстремизмот и национализмот го киднапираа спортот, панел дискусија на ЦИВИЛ
СЛОБОДНА ЗОНА
„Непримерно е интелектуалец како Димитар Апасиев да се користи со таков вулгарен речник во јавниот говор. Зошто еден професор, доктор на науки, натпросечен студент со десетки, лидер на партија, решил да зборува навредливо кон сите што не ги почитува, како уличар!!!! Веројатно така добива на симпатии кај оние кои исто така како него зборуваат во секојдневието. На тој начин тој се проектира како еден од нив, за да можат да го разберат. Зашто ако почне да употребува високопарни, правни формулации, ќе биде неразбран, тие ќе почуствуваат дека е над нив. А Левица, според зборовите на Апасиев сака да се бори за работничката класа и неа и се обраќа“, пишува Љубиша Николовски во колумната „Да беше Апасиев МНР, ќе не заглавеше во кинески долгови како Шри Ланка“
Подготви: Б. Јордановска