ВЕСТ НА ДЕНОТ
Лансирање на АДА – дигитален асистент во јавниот сектор за поголема транспарентност и намалување на корупцијата
„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава, истакна премиерот Димитар Ковачевски, при промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција – АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.
„Тука сме да го најавиме доаѓањето на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме.
АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, додава Ковачевски, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите“, рече Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Отворен Балкан е создаден заради граѓаните, а не заради политичарите. Колку порано сите политичари разберат дека оваа иницијатива овозможува институциите да соработуваат и да испорачаат дела за добробитот на народите, толку поскоро Балканот ќе го видиме целосно интегриран во Европската Унија, вели националниот координатор за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец. Целото интервју на следниот линк!
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОРИДОР 8 и 10д Собранието денеска ја изгласа потребата од носење на измени и дополнувања на осум закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
СУДСТВО Со 64 гласа „за“ и еден „воздржан“, судијката на Апелациониот суд – Скопје, Елизабета Дуковска во рамки на денешната 106. седница беше избрана за судија на Уставниот суд, предложена од Судскиот совет.
ТРАГЕДИЈА Загинале тројца македонски државјани во сообраќајна несреќа во Италија потврди Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.
РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО Министерот за правда Кренар Лога оствари средба со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е Анџела Агелер на која се разговараше за соработката со САД како стратешки партнер во областите поврзани со реформите во правосудството, законодавната агенда, борбата против корупцијата. Министерот Лога рече дека дигитализацијата во правосудството е клучен процес за зајакнување на капацитетите, одговорноста и професионалноста на судиите и јавните обвинители.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Вниманието на човештвото денес е насочено кон вештачката интелигенција (ВИ). OpenAI обезбедувајќи бесплатен пристап до chatbot-от ChatGPT и објавување на социјални мрежи на дотерувани слики создадени со помош на Midjorney и други невронски мрежи ја направи оваа алатка поблиска од кога било до обичните корисници на интернет. Како што пренесува Укринформ, ова ги актуелизираше дискусиите за ризиците и можностите што ги носи вештачката интелигенција како дел од информациските војни.
*
Руските пропагандни експерти во привремено окупираниот Крим излегуваат со нови лажни приказни во врска со НАТО – иако почнуваат да препознаваат дека Украина е всушност валиден актер на меѓународната сцена, тие инсистираат дека нејзините вооружени сили се борат во интересите на Алијансата, беше истакното за време на прес-конференцијата „Факси за НАТО во окупираниот Крим“ организирана од Укринформ.
*
Според Институтот за проучување на војната (ISW) со седиште во Вашингтон, руските окупациски власти веројатно спроведуваат кампања на систематско верско прогонство во окупирана Украина.
МУЛТИКУЛТУРА
Претставници на ЦИВИЛ денеска беа во Штип на средба со градоначалникот Иван Јорданов, со што ја продолжија серијата средби со градоначалници на кои станува збор за соработка и организирање јавен настан на тема „Граѓански дијалози за предизвиците и перспективите на мултикултурализмот и европските вредности на локално и национално ниво“, на која ќе бидат поканети претставнички и претставници на локалните институции на власта, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации и други форми на граѓанско здружување, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците.
АЛ-ПРЕС
Косовските медиуми се преокупирани со тековното судење во Хаг, на поранешните лидери на ОВК, со различни анализи и изјави од домашни и странски релевантни извори. Престижниот британски медиум „Гардијан“ излезе со напис во кој се вели дека судскиот процес против Хашим Тачи, ќе ја препише историјата.
Поранешниот обвинител на Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, сер Џефри Нис, тврди дека поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте, имала силна желба да ги види косовските лидери осудени за воени злосторства, пренесуваат косовските медиуми. Во Албанија, во пресрет на локалните избори во мај, актуелниот премиер Еди Рама ветува просечна плата од 900 евра веќе следната година.
Ова се дел од темите што редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ги издвои за изданието АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во оваа земја, Македонија, сѐ се цени и почитува. Бескрајно се обожува секој детал од сѐ што ги опкружува луѓето, како во сегашноста, така и во минатото и во иднината. Ова е како земја од бајките на Дизниленд, каде што луѓето, како џуџињата на Снежана, од утро до мрак, вредно работат и пеат. Со таа разлика што кај нас нема ниту една зла вештерка да ја „забибери“ бајката. Само почит и многу работа“, пишува Џабир Дерала во колумната „Македонија, земја поубава од бајките на Дизниленд“.
„Затоа сите приказни за „идентитетот“ се глупаво изопштени. Има тука, меѓутоа, и нешто друго. Погледнете добро кого нацијата (преку своите „претставници“) најмногу почитува, и веројатно нешто ќе ви се каже за тоа. Ќе видите и како „тивкото мнозинство“ го гледа ова парче земја на која живее. А дури и може да ги погледате и „креаторите на јавното мислење“ што и како зборуваат за идентитетот.
Да ги земеме на пример спортистите. Што прават тие? Скокаат и дриблаат топки, некои, пак, пливаат. Што прават? Па, пливаат, пријателе. Јадат стекови, пумпаат мускули и пливаат. Други? Други фрлаат мали топки во гол, имаат право да направат и три чекори додека ја исфрлат топката, а судијата да не им свирне „шритфилер“ (познато како „чекори“). И сите овие се прогласени за личности на годината, најчесто“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Идентитетот не е кожуреста топка или ранче кое можеш да го заборавиш дома“.
„Македонската загатка се вика вмро.
Вмро не е партиско прашање, политичко, дури не е ниту идеолошко, тоа не е прашање на Мицкоски или на целата галерија чипирани идиоти што се собрани во онаа одвратна зградурина направена во пљачкашките операции на четата на Никола по селата на нашата Пирин планина, туку е загатка на конститутивната епоха во слободата и која можеме да ја завршиме и фрлиме во бездната откако ќе се качиме на бродот за новата димензија на постоењето“, пишува Бранко Тричковски, во колумната „Како Македонците научија да ја черечат Македонија“.
Д. Муратов