Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на јавениот настан на ЦИВИЛ „Рендгенска снимка на Пописот“ истакна дека од спроведената статистичка операција треба да се извлечат заклучоци дека општеството и државата мора да бидат поотпорни на дезинформациите и хакерските напади. Информациите треба да бидат вистинити и веродостојни и институциите да бидат поотпорни на политички влијанија и притисоци.
„На моите колеги од странство тешко им беше да сфатат дека пописот во нашата држава не е само статистичка операција, туку има и политичка позадина. Дел од политичките партии јавно и тајно го попречуваа пописот, за да ја разнишат довербата на институциите. Нападот на статистичкиот процес е всушност да се разнишува довербата во институциите, безбедноста на државата како и меѓуетничката толеранција и соживот.
Ова што сега го зборувам и ваквите разобличувања на оние кои пробаа да го оспорат и попречат пописот, ќе наиде на оркестриран говор на омраза на социјалните мрежи кон мене и организацијата токму од тие структури кои го бојкотираа пописот“, нагласи Дерала.
Како се спроведе, кои беа предизвиците и кои се перспективите на пописот на населението 2021? – беше главното прашање на кое одговораа директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Габриела Кулебанова и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Настанот го модерираше Дијана Тахири од ЦИВИЛ.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“ кој ЦИВИЛ го спроведува со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy).
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски