Северна Македонија гласаше воздржано за европската резолуција „Унапредување на сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина“. Од што се воздржа нашата држава кога требаше да се изјасни за европската резолуција „Унапредување на сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина“, зборува Џабир Дерала, претседател на Цивил – Центар за слобода, за Рацин.мк.
„Се воздржа од Резолуција со која се осудува руската воена агресија врз Украина, се дава поддршка на територијалниот интегритет на земјата, и се бара итно повлекување на рускиот агресор. Скандал без преседан е блага оценка за оваа одлука на македонскиот државен, владин и дипломатски врв“, оцени за Рацин.мк, Џабир Дерала.
Тој потсети дека Мицкоски и неколкумина други министри во Владата, на Денот на независноста на Украина во август минатата година, го носеше украинското знаме низ цел центар на Скопје.
„Во вода паѓаат сите изјави на Мицкоски со кои даде вербална поддршка на Украина. Сето тоа веќе ништо не значи. Сега е безначаен и јунскиот настап на неговата штитеничка, претседателката Силјановска-Давкова на Меѓународниот самит за мир во Украина во Швајцарија“, истакнува претседателот на Цивил – Центар за слобода.
За Џабир Дерала новата „нормалност“ што ја наметна Мицкоски и тие околу него, претставува нагло свртување на ориентацијата на државата.
„Нивното однесување е лишено од секакво чувство за демократија. Тие не најдоа за сходно дури и да одглумат дека се дел од еден демократски систем, да отворат некаква, било каква, дебата во јавноста, парламентот или други релевантни форуми. Ако ме прашате да го опишам тоа со еден збор, единствено можам да кажам – срамота!“, нагласува Џабир Дерала.
Целиот текст на Рацин.мк на следниов ЛИНК.