Categories

ФЕСТИВАЛ Десетто издание на Десонанз

Десонанз Фестивалот за електронска музика, визуелни уметности и нови медиуми оваа година  го прославува своето јубилејно, десетто издание.

Десетто издание е во организација и партнерство со Гете-институт Скопје и ,,3.14 Броколи,, и е сублимат на сите претходни години во однос на фокусот и презентирање на современата електронска музика и уметност.

Фестивалот ќе почне денеска, а ќе трае до 3 ноември и ќе се одржи на повеќе локации во Скопје.

Предвидена е работилница за Pure Data софтвер, презентација на првиот custom made грамафон направен во Македонија, мултимедијални видео инсталации – ,,10 години Десонанц Фестивал,, и ,,Полимат,, (видео-омаж посветен на делото и работата на Johan Wolfgang von Goethe), како и настапи на реномирани музички артисти.

Квалитет и Контекст. Современата музика ја достигна сингуларноста, точка во која сите жанрови, сите инструменти и сите звуци сочинуваат една Музика. Кога аналогното станува дигитално, електронското станува акустично, кога панкот е диско, класичната музика е метал и тишината е инструмент, единствените два критериуми кои се битни за музиката се Квалитет и Контекст. Водејќи се по овие два принципи, програмата на Desonanz Festival 2018 е богатство од врвна музика од широк спектар на жанрови, внимателно селектирана и ставена во контекст кој го вади најдоброто од уметноста во просториите на Македонската филхармонија, Музеј на Град Скопје, Отворено Графично студио и клубот Епицентар, нагласуваат неговите организатори.

Гала концертот и свеченото отворање се вечерва во Македонска филхармонија.

Две имиња на современата музика чии звуци и видео-колажи долги години се извор на восхит и инспирација за генерации на електронски музичари, амбиенталисти, класични композитори и видео уметници.

Fennesz е композитор, гитарист и еден од великаните на модерната класична музика, чест соработник на Дејвид Силвијан, Рјуичи Сакамото, Џим О’Рурк и секако проектот Fennesz+Lillevan, еден од најимпресивните мултимедијални проекти на денешницата и често дел од програмата на престижните светски фестивали од рангот на Transmediale, Unsound, Ars Electronica и сл.

Lillevan е германски ликовен и видео уметник, пионер на модерната видео-уметност и нејзината соодветна примена во музички контекст. Неговиот мек и органски стил на видео продукција со бројни аналогни артефакти е уникатен и нашироко препознатлив и имитиран во светот на денешната електронска музика.

Инициран и организиран во 2009 година од Гете-институт-Скопје, Десонанз станува синомим за презентирање на најновите музички достигнувања во електронската музика, cutting edge мултимедијални настани, визуелни уметности, нови медиуми.

Идејата е фестивалот да придонесе за развој и презентација на артисти од локалната сцена и поврзување со светски етаблирани артисти, пред се од германско потекло.

Целта за оформување на повеќе локални мултимедијални колективи и платформи кои се под директно влијание на самиот фестивал е остварена и реализирана со оформување на мултимедијалниот колектив Биткреш (BTKRSH). Фестивалот во изминатите години нуди и образовен карактер преку музички работилници: Ableton, Field Recordings, употреба на домашни уреди за креирање на музика, како и видео-работилници: Quartz Composer, Resolume, 3D Video Mapping. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email