Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорката на Република Хрватска во земјава, Н.Е. Нивес Тигањ, соопштуваат од Владата.
-На средбата беа истакнати пријателските односи меѓу двете земји кои ги поврзува традиционално и искрено пријателство, кои се клучни за градење на побезбедна и попросперитетна иднина за граѓаните на двете држави, како и за целиот регион.
-Хрватската амбасадорка Тигањ на премиерот Џафери му честиташе за мандатот и ја изрази силната поддршка за европските перспективи на земјава. Воедно, потврди дека за Република Хрватска е од голем интерес решавањето на прашањето за патните исправи за граѓаните на Република Северна Македонија, со оглед на големиот придонес што го даваат нашите граѓани во нивната туристичка економија.
-Џафери истакна дека Владата останува посветена на почитување на европските вредности и спроведување на процесите важни за евроинтеграцијата на Северна Македонија.
-Соговорниците на средбата разменија мислења за поддршката на Хрватска за Северна Македонија, во поглед на корисните искуства значајни за евроинтеграцискиот процес.
-Северна Македонија и Хрватска имаат воспоставено дипломатски односи пред повеќе од 30 години. Во овој период, билатералните односи се унапредени, а во следниот период двете земји ќе бидат посветени на зголемувањето на трговската размена и на економската соработка, се вели во соопштението од Владата.