На 22 јануари во Македонија доаѓа Џејмс О’Брајан, помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања. Се очекува О’Брајан два дена да престојува во земјава, а главна тема ќе бидат политичките случувања.
При последната посета на Северна Македонија, О’Брајан беше остар во критиките за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски и нивното противење на уставните измени, со коментар дека од некој што ветува дека има план а не го открива (во случајов за Преговарачката рамка) не би купил ни автомобил, а уште помалку би го гласал.
„Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така“, изјави помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан за „360 степени“.
М. Д.