Државната изборна комисија или барем оној што им го администрира твитерот изрази жалење за смртта на познатиот шведски ди-џеј Тим Берглинг или попознат како Авичи.
Жално е што 28 годишно момче, познат музичар во светски рамки починал, како што е жално за секој изгубен млад живот, но уште пожално е што ДИК не жали и не чувствува одговорност за граѓанките и граѓаните и нивното право на глас, ниту пак води сметка за едукацијата на гласачите, посебно на младите луѓе што допрва се стекнуваат со истото.
„Несреден избирачки список, несреден кадар, неинформирани и недоволно обучени изборни комисии, претседателски избори идната година, ама ДИКовци жалат за Авичи… Фатете се за работа!“, објави ЦИВИЛ на својата Фејсбук страница.
Во декември 2017 членовите на Државната изборна комисија си дадоа оставки под притисок на јавноста без чувство на одговорност. На почетокот на оваа година беа наградени и со апанажа. Се чека Комисијата за прашања на избори и именувања конечно да донесе одлука каква Државна изборна комисија ќе имаме за претседателските избори наредната година.
Во меѓувреме, најавена е професионализација на ДИК и вклучување на партиите во неа шест месеци пред изборите.
„Потребен е ДИК без партиски војници“, рече, во една од своите изјави, Џабир Дерала од ЦИВИЛ, како коментар на средбата Заев-Мицковски на почетокот на март оваа година на која се зборуваше и за реформите во ДИК.
Останува апелот до ДИК наместо да жалат за својот омилен ди-џеј, да бидат сериозни и одговорни кон гласачкото тело и конечно да се фатат за работа со хаосот во Избирачкиот список, црните дупки во Изборниот законик, неедуцирани изборни комисии, неедуцирано гласачко тело, транспарентност и одговорност за трошењето јавни пари и како да спроведат избори следната година што ќе имаат значително помалку црни дамки од последните избори минатата година.
Биљана Јордановска