Коалицијата Маргини вчера во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „Х против Македонија“. Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
По одлуката на Судот во Стразбур, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.
Разговаравме со Славчо Димитров од Коалиција Маргини, за процесот и проблемите низ кои поминувало тоа лице, кој траел од 2011 година, каде што лицето било жртва на пинг-понг игри помеѓу различни институции во државава, а во целиот тој период лицето не можело да стигне до своите лични документи во коишто е признаен неговиот род и со кој би можел нормално да функционира во своето секојдневие и цел тој процес го изложувало на дополнителен стрес, траума, понижување во сите институции и каде би требало да прикаже лични документи.
„Она што беше најтрауматично е ситуацијата на молчењето на институциите, односно двосмисленоста со која што постојано постапуваа. Од 2011 година, кога почнува овој процес во Македонија, првично со промената на името и презимето во личните документи од страна на МВР, Управата за водење на матична евиденција одбива да му ја смени ознаката за пол и кодот во матичниот број во личните документи. Оттогаш овој процес оди до Управниот суд, па повторно до Управата за водење на матична евиденција, па назад во Управен суд, којшто и наложува во три наврати на Управата дека не и е издржана одлуката. Прво поради тоа што не постои никаде законски акт којшто бара или наложува дека лицето треба да приложи медицинска документација за извршена промена на полот, второ поради тоа што законското решение е апсолутно нејасно и не постои соодветна законска рамка дека лицето е ставено во правна несигурност“, вели Димитров.
Поради таквата ситуација која траела осум години, овој случај го дале пред Европскиот суд со барање за забрзана постапка и покрај тоа што во Македонија не биле поминати сите судски инстанци, како што во принцип налага праксата на Европскиот суд.
„Тие аргументи беа прифатени, судот одлучи во Стразбур да го разгледува во забрзана постапка овој случај. Од она што ние го поднесовме како барање, со лицето како подносител на тужбата, судот утврди дека поради недостаток на јасно уредена законска рамка и на ефективна брза и пристапна процедура за промена на податоците во личните документи, државата го има повредено членот 8 од Европската конвенција за човекови права и слободи, односно правото на приватен и семеен живот, во коишто судот јасно кажува во пресудата дека се подразбира и родовото самоидентификување“, додава Димитров.
Одлуката за пресудата од Стразбур е токму поради непостоењето на брза, ефикасна и пристапна процедура, односно, отсуството на јасна законска рамка со која ќе се гарантира правното признавање на родот.
„Тоа значи дека по овој случај државата треба да седне и во најбрза постапка да почне со подготвување на соодветно законско решение за правно признавање на родот. Во спротивно ситуацијата ќе биде онаква каква што беше и поради која што се доведовме пред Европскиот суд. Ќе има и други случаи кои ќе бидат оставени во таа лимбо ситуација, ќе бидат изложени на арбитрерните одлуки на чиновници, на административци и на управата, за кои постои можност повторно да ги прекршуваат правата и ќе треба да се ставаме во ситуации да ја даваме државата пред Европскиот суд што секако не и оди во полза, особено не на држава која што моментално аспирира да биде членка на ЕУ“, додава Димитров.
Димитров вели дека веќе разговараат со Владата, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика, за изнаоѓање и отпочнување на некаква постапка за изнаоѓање на соодветно законско решение за правно признавање на родот.
„Ова е дефинитивно уште еден чекор понапред или уште една јасна назнака за Владата дека овој процес треба што побрзо да започне и да се изнајде решение коешто не само што ќе го овозможи правното признавање на родот туку и ќе го гарантира и телесниот интегритет на трансродовите лица“, додава Димитров.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска