„Во денешната опозиција се оние исти луѓе кои од Европската Унија не оддалечија подалеку од што бевме и на почетокот на претпристапните преговори. Во нивното владеење, во 2015 и 2016, нашата земја беше на дневен ред во иста европска комисија и иста седница со земји во криза, како Сирија и Либија“, вака им возврати министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на обвинувањата на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека власта пропаднала во интегративниот процес.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија и комисиската расправа за евроинтеграциите.
“Во телата на ЕУ исто така постојат два совета, едниот е совет за општи работи другиот е за надворешни работи. Во 2015 и 2016 година главно за нас во Брисел се дебатираше во совет за надворешни работи, во која се дебатира за земји во криза, во кои точки беа состојбата во Сирија и состојбата во Либија. 2016 година комисијата нашето општество го нарече заробена држава, можам и да читам цитати од тоа време. Заклучок од советот на ЕУ 2016 година: Ја потврдува својата серозна загриженост за продолжување на политичката криза, повикува на политичка волја, да се обезбеди конкретна целосна имплементација, земјата страда од политичка средина која предизвикува поделби, недостаток на култура на компромис со уназадување во важни области како правосудството. Таа политика којашто не оддалечи подалеку од почетокот на пристапните преговори со ЕУ од било кога порано е за жал во континуитет претставена во денешната наша опозиција”, рече Димитров пред пратениците присутни во седницата на собраниската комисија за евроинтеграции.
Пратеникот Милошоски на почетокот на седницата обвини дека веќе нема место за образложение туку побара оставка од министрите Никола Димитров и Бујар Османи.
Истовремено, Димитров ги повика да расправат во комисијата за надворешни работи со која раководи самиот Милошоски.
Арбен Зеќири