За намалувањето на поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, а по повод неодамнешното истражување на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кое детектира пад на поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ од 53 отсто, разговаравме со Секретаријатот за европски прашања, односно Кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
„Повторното одложување на почетокот на пристапните преговори што претставува неспроведување на одлуката донесена од Советот на ЕУ во март 2020 година, заедно со поставувањето услови кои не се на линија на европските вредности и критериумите за членство, имаат одраз врз поддршката на граѓаните за европската перспектива на земјата“, велат од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Според СЕП, пропуштените години значат и изгубени генерации во потрага по европскиот начин на живот, при што таквото искуство дава одредена доза на претпазливост при формулирање на надежите и оптимизмот. Сепак, треба да се има предвид дека овие ставови се променливи во зависност од околностите, па така според резултатите од истражувањето на „Брима Галуп“ кои беа соопштени вчера, големо мнозинство од македонските граѓани остануваат посветени на европската агенда.
„Така, 76,3% од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, додека само 19,8% одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ. Овие резултати покажуваат дека македонското општество е политички зрело и свесно за влогот што со себе го носи европската перспектива како единствена одржлива идеја за иднината на овој регион.“, велат од Кабинетот.
На прашањето што може да се направи во насока на подобрување и зголемување на довербата на граѓаните во ЕУ, од кабинетот посочуваат дека спроведувањето на реформите е најконзистентната стратегија за зголемување на довербата кај граѓаните.
„Подобрувањето на стратешката комуникација на ЕУ со регионот е една од актуелните теми за приоритетите на Унијата во следниот период. Од македонска страна, одлучното спроведување на реформи кои значат приближување кон европските стандарди и вредности и европскиот начин на живот, пред сѐ заради самите граѓани, е најконзистентната стратегија за зголемување на довербата.“, порачуваат од СЕП.
Д.Т.