Контроверзијата помеѓу Украина и Полска е длабоко вкоренета во различните историски толкувања за дејствувањето на Украинската востаничка армија (на украински: Українська повстанська армія – УПА). Ова долгогодишно прашање неодамна прерасна во сериозен дипломатски инцидент токму поради новиот декрет на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Спорот лежи во настаните од Втората светска војна, поточно од 1943 година, кога УПА изврши масовни убиства на полското цивилно население во регионите Волин (Volyn) и Источна Халичина (Halychyna). Полска овие настани официјално ги класифицира како геноцид, проценувајќи дека околу 100.000 Полјаци биле сурово убиени. За Варшава, УПА е терористичка организација одговорна за етничко чистење и соработка со нацистичкиот режим.
Од друга страна, за современа Украина, УПА претставува симбол на борбата за независност. Кијив ја нагласува нивната улога во отпорот против советската власт и против нацистичката окупација, при што многу од овие историски личности денес се слават како национални херои. Дополнителен извор на тензии со години е и украинската забрана за ексхумација и достоинствен погреб на полските жртви.
Тензиите драстично ескалираа откако претседателот Зеленски донесе декрет со кој на елитната единица од украинските сили за специјални операции ѝ се доделува почесната титула „Херои на УПА“.
Овој потег предизвика остар одговор и обединет револт кај целата политичка сцена во Полска. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека оваа одлука директно ја повредува „историската чувствителност“ на полскиот народ, додека Министерство за надворешни работи на Полска предупреди дека ваквиот чекор сериозно го загрозува меѓусебниот дијалог. Поранешниот претседател и легендарниот лидер на полската „Солидарност“, Лех Валеса, го повлече својот личен беџ со украинското знаме од реверот, изјавувајќи дека глорификацијата на „бандитите од УПА“ е лична навреда за него и за сите убиени сонародници.
Најсериозната политичка последица се однесува на Орденот на Белиот Орел (Order Orła Białego), најстарото и највисокото полско државно одликување. На Зеленски овој орден му беше доделен во април 2023 година во Варшава од страна на тогашниот претседател Анджеј Дуда во знак на признание за неговата улога во одбраната на човековите права и европската безбедност.
Сегашниот полски претседател, Карол Навроцки, официјално побара итно свикување на Советот на овој орден за 8 јуни 2026 година, каде што на дневен ред ќе биде ставен предлогот на Зеленски да му се одземе одликувањето. Според полските закони, државно одликување може да биде одземено доколку примателот изврши дела со кои се прави недостоен за истото. Иако претседателот Навроцки јасно ја изрази својата намера, правниот механизам налага Советот прво да гласа, а финалната одлука да биде официјално одобрена и од премиерот Туск.
Официјален Кијив се обидува да ја деескалира ситуацијата преку воздржана дипломатија, нагласувајќи ја благодарноста за огромната поддршка што Полска ѝ ја дава на Украина во војната. Портпаролот на Зеленски одби директно да го коментира предлогот за одземање на орденот, но по однос на воениот декрет, украинската страна понуди неколку клучни аргументи.
Кијив тврди дека се работи за внатрешна одлука со цел да се обноват историските традиции на националната војска и да се оддаде признание за сегашните успеси на бојното поле против руската агресија. Воедно, министерството за надворешни работи на Украина ја повика Полска да се воздржи од „политизирани одлуки“ кои будат негативни чувства помеѓу двата народи.
Украина, поддржана од независни аналитичари, предупредува дека создавањето на историски раздор му користи единствено на Кремљ. И полската страна признава дека овој декрет на Зеленски „ѝ даде дополнителен кислород“ на руската пропагандна машинерија за да забие клин меѓу двете сојузнички земји. Кијив уште еднаш апелираше прашањата од минатото да им се остават на историчарите преку објективни научни истражувања.
Џ. Д.












