Го осудуваме како клуб говорот на омраза и недоличното скандирање што се случи на трибините за време на фудбалскиот натпревар меѓу „Динамо Загреб“ и ФК „Шкупи“ кој се одигра на 19 јули во Загреб на стадионот „Максимир“, вели Омер Буњаку, директор на ФК „Шкупи“, во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
„Ги повикувам сите граѓани, особено нашите навивачи („Шверцери“) да дојдат на 26 јули (вторник) да нè поддржат како клуб, да ги поддржат фудбалерите, бидејќи сепак фудбалот се игра за публиката, и ги замолувам да навиваат фер и коректно како што бара и УЕФА.
Навивањето со говор на омраза не е добро, тоа не ги мотивира фудбалерите да играат подобро, напротив. Таквото навивање е лошо за сите, сепак сите сме граѓани од кожа, крв и коски, и сите сме исти. Ние како клуб сме познати по мултиетничкиот состав, имаме фудбалери од сите етнички заедници. И уште еднаш ги замолувам навивачите тоа што се случи таму (во Загреб) да не се повтори тука (во Скопје), додаде Буњаку.
Тој додаде и дека картите за реванш натпреварот на 26 јули 2022 се со симболична цена од 150 денари, освен ВИП картите кои се малку поскапи, за да може граѓаните во што поголем дел да присуствуваат.
текст, камера, монтажа и фотографија: Дехран Муратов